Петар Печков
Објавено: четврток, 31 јануари 2013
Велешките крводарители можат од почетокот на годинава да даруваат крв само во определени денови, вторник, среда и четврток до пладне, во поголемиот дел до седмицата не. Ова се случува откако Одделението за трансфузиона медицина остана само со еден доктор специјалист, кој сега мора да дава лекарски услуги во три амбуланти, за три вида пациенти кои ги покрива. За да може да стине на сите да им помогне, тие се решиле на оваа непопуларна мерка, која создаде револт кај крводарителите и збрка кај болните.
Јас сум од Градско и сум редовен крводарител, дојдов во понеделникот да дарувам крв, кога гледам на вратата пишува дека тоа можам да го сторам во други денови. Затоа синоќа спиев кај некои пријатели, само за да можам денес да дарувам и си одам. Вака како што сега работи амбулантата е лошо решение, ќе ги избркаат крводарителите – вели Даме Ѓоргиев кој досега дарувал 71 пат крв.
Во тесната приемна соба беше преполно, имаше десетина лица кои трпеливо чекаа да бидат прегледани и потоа да добијат можност да даруваат крв. Колку дарители имаше во собата, исто толку заминаа откако самоиницијативно дојдоа да го сторат истото. Велат дека немаат време да чекаат со часови за да даруваат крв, ќе дошле друг ден, но и потсетуваат дека ова може сериозно да се закани по состојбата со крвни единици во велешката болница. Укажуваат дека докторот во итни случаи, кога е потребна крв во попладневните часови, мора да го потпише издавањето на крвните единици од одделението, поради што треба да дојде од дома и го стори тој чин, за крвта да биде доставена до операционата сала.
Со ваков режим на работа, само се бркаат крводарителите. Ако лани во оваа амбуланта се дарувани 2,5 илјади шишиња крв од 4 илјади колку што Велес собра и е втор во земјава, годинава сигурно ќе има помалку. Тоа ќе се одрази на снабденоста со крвни единици, ќе нема крв за итни операции. Нека надлежните најдат доктор специјалист, оти вака не оди. Порано се работеше во две смени, имаше и три доктори, сега остана само еден. Едни отидоа во пензија, други не се примаа – вели Никола Димов, кој и покрај гужвата трпеливо чекаше да дарува крв.
Во исто време во Одделението за трансфизуона медицина дојдоа на преглед пациенти кои имаат здравствени проблеми или мораа да проверат крвната слика. Разочарувачки за нив беше сознанието дека амбулантата каде се прегледуваат срцеви болни, инфаркти, се врши тромбо -тест, овие случаи со новиот режим на работа, се примаат само во понеделник и петок, во останатите не.
Ги користам услугите на амбулантата за тромбоза и хемостаза. За моите здравствени проблеми, тука доаѓам на преглед. Прв пат слушам дека има нов режим на работа. Не може ваква служба да остане со еден доктор, тој излезе коректен не прими, не не врати, но за време на мојот преглед мораа да чекаат тие што се за крводарување, а јас не можам да чекам до петок. Итно ако треба нека се донесе доктор од друг град, ама ова Одделение не смее да дава вака редуцирани здравствени услуги – вели пациентка од Велес која сепак успеа да го заврши прегледот за кој дојде.
Но покажува во какви нехумани услови се прегледуваат болните, влага и мемла, ѕидови кои се оштетени, што никако не личи на здравствена институција и е изградена во 30-тите години на минатиот век. Во оваа амбуланта доаѓаат и пациенти на кои им е потребно одредување на крвна група за возачка дозвола, потоа бремени жени за крвна група на нивниот плод. Тоа создава големи гужви и метеж.
Вработените од одделението кое работи при ЈЗУ институт за трансфузиона медицина од Скопје, не сакаа да зборуваат поплаките на пациентите, но потврдија дека проблемите започнале откако од почетокот на годинава останал само еден доктор специјалист и чекаат кога ќе добијат засилување, затоа што ваква тешко се работело на штета на пациентите.
Tweet |