речник контакт

Една година затвор за дрвокрадецот кој нападна тројца полицајци во Горно Оризари

Арифи ги признал двете дела за кои се товари и побарал поблага казна

Петар Печков

Насер Арифи (43 год) од Бузалково доби една година затвор  за две кривични дела, кој ги стори во август месец летово. За кривичното дело ,,Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста,, и за ,, Предизвикување општа опасност,, доби по осум месеци затвор или во единствена казна од една година.  

Арифи  го призна извршувањето на двете кривични дела и побара поблага казна. Делото се случи на  10-ти август годинава  околу 23,00 час. во Горно Оризари. При тоа го нападнал  тројца полицајци  а еден телесно го повредил.

Според обвинението Арифи  бил  затечен при превезување на бесправно исечени огревни дрва во вкупна количина од околу 10 метри просторни, натоварени на камион марка ТАМ, и не ги послушал наредбите на полицајците да сопре и да излезе од возилото.

Спротивно на тоа  почнал да се движи наназад со цел да побегне при што со задниот дел од возилото удрил во ѕид од куќа. Во тој  момент полицаец  успеал да се качи од десната страна на возилото и да ја отвори совозачката врата, повторно наредувајќи му на обвинетиот да го напушти возилото, но Насер  го придвижил возилото наназад, приклештувајќи го полицаецот  на ѕидот од куќата, па тој скокнал и паднал на земја, здобивајќи исе со  телесни повреди.

По ова  обвинетиот го придвижил возилото нанапред, во правец на паднатиот полицаец , со намера да го прегази но тој успеал да стане и заедно со друг колега  испукале во предните гуми од возилото. И  покрај тоа обвинетиот го движел возилото, правејќи маневри напред - назад, при што удрил во ѕид од друга куќа ,на која ја скршил и пластичната канализациона цевка и ја откорнал од држачите металната влезна порта.

Арифи продолжил да се движи наназад, насочувајќи го возилото кон третиот полицаец  кој се наоѓал на улицата и кој заради предупредување на обвинетиот да го сопре возилото, најпрво испукал два куршуми во воздух, а потоа испукал три куршуми во левата задна гума на возилото, кое продолжило да се движи наназад па удрило и ја соборило на земја дрвената бандера за телефонски кабли, потоа удрило во ѕидот од дворот на трет сосед  па најпосле и во паркиран комбајн, по што возилото престанало со движење, а обвинетиот е уапсен и  приведен во СВР Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »