Петар Печков
Објавено: вторник, 10 август 2021
Со помош на канцеларијата на ЕУ во Скопје, езеро Младост доби можност да биде транзитен туристички центар. Проектот е вреден еден милион евра, од кои 900 илјади се средства од ЕУ а сто илјади од Општина Велес. При крај е неговата реализација, градежните работи се најавува дека ќе завршат на крајот од месецов.
Проектот „Паметно езеро Младост“ опфаќа десетина содржини и треба да овозможи туристите кои се на пропатување по автопат од и кон Грција, да имаат понуда за да останат покрај езерото, но и да се создадат нови работни места.
„Ќе се запрашете зошто ЕУ дава поддршка на вакви проекти. Одговорот е едноставен. Убедени сме дека од туристичката понуда на земјата од природните убавини и културното наследство. Со помош на туризмот е креираат нови работни места, се помага на локалната економија. Овој туризам е познат како зелен туризам“ - рече Дејвид Грин амбасадор на ЕУ во Скопје.
Проектот опфаќа меѓу другото изградба на еко-камп, забавен парк за деца, куќи во форма на барик за преноќевање, пешачка и велосипедска патека, осветлување на патеките, еко- училници за настава на отворено, регионално туристичко биро, станица со 20 електрични велосипеди, платформа за набљудување на птици и хранилиште.
„Со овој проект ЕУ му даде голема можност и шанса Велес да прерасне во транзитна туристичка дестинација, ен само во земјата туку и во регионот. Ова е можност да се искористи потенцијалот на езерото, покрај кое секоја година минуваат два милиони туристи“ - кажа градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Проектот започна да се реализира пролетта 2020-та а треба да заврши кон крајот на овој месец, август.
Tweet |