Петар Печков
Објавено: петок, 05 јули 2019
ЕД Вила Зора одлучи да престане со постапката на замена на почвата на јавните површини во Велес. Екологистите причината за оваа нивна одлука, ја посочија во примерот на земјоделец кој самоиницијативно извршил промена на почвата, на површина во реонот на Речани, но тоа не дало резултат. Во новата почвата биле пронајдени високи вредности на олово и кадмиум, иако претходно ги немало.
Престануваме со деконтаминација на почвата во градот и поблиската околина, се додека не се дислоцира депонијата со згура, на влезот од градот од правец на Скопје. Се надевам дека тоа ќе започне во најскоро време. Имаме пример на земјоделец, кој четири декари површина заменил со нова, не контаминирана од реонот на село Ногаевци. Испитувањата кои ги направивме пролетва на новата почва, покажаа дека има загадување со тешки метали, во значајни концентрации - кажа Ненад Коциќ. од ЕД Вила Зора и член на Советот на Општина Велес.
Затоа вели дека натамошната постапка на промената на почвата во Велес е беспредметна. Тие планираа да се изврши замена на јавните површини од дворовите на детските градинки и на училиштата, каде децата престојуваат.
За нас е разочарувачки податокот дека годинава во почвата во длабочина до 20 цм има повеќе тешки метали, отколку минатата. За разлика од тоа на длабочина до 40 см. вредностите се двапати пониски, откако извршивме деконтаминација со фиторемедијација со помош на маслодајна репка. Тоа покажува дека загадувањето е уште присутно во Велес - додава Коциќ. Но стручњаците предупредуваат дека не само депонијата со згура, туку и објектите на Топилница се полни со честички на тешки метали, ги загадуваат велешани и влијаат на нивното здравје.
Честичките од тешки метали, олово и кадмиум, како продукт на производниот процес, се наоѓаат на површините од објектите на поранешната Топилница, лоцирани во нејзиниот круг. При одредени атмосферски услови, дожд и ветер тие и денес стигнуваат до граѓаните на Велес - изјави д-р Бошко Ников, еколошки експерт.
Tweet |