Петар Печков
Објавено: понеделник, 23 ноември 2020
Еколошкото друштво Вила Зора ќе постави три мерни станици во Велес, со кои ќе се мери квалитетот на воздухот во градот. Тие се поставуваат преку проектот “Еко-монитор“ заедно со Инфопроект од Скопје, беше соопштено на денешната заедничка прес конференција.
До крајот на неделава ќе бидат поставени три мерни станици, во Центар, во населба Шорка и во Нова населба. Со нив меѓу другото ќе се мерат и ПМ 2,5 честичките или фини честички, кои се опасни бидејќи се толку мали, што навлегуваат длабоко во човековиот организам и тие за прв пат ќе бидат мерени во воздухот во Велес.
Мерните станици се дадени на времено користење, на шест месеци. Граѓаните измерени вредности ќе можат да ги следат на веб страницата на ЕД Вила Зора. Ќе се мeрат ПМ 10, ПМ 2,5 честички, ЅО2, СО, NО2, брзина на ветер, температура, влажноста на воздухот, воздушен притисок, се мери и бучава во градска средина - изјави Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора.
Овие мерни станици се според европските стандарди за квалитет на воздух, се изработуваат по проект добиен од Фондот за иновации на РСМ , но и со наши средства. Сензорите се од познати светски производители, сертифицирани во Европа кои даваат најголема точност во мерењата. Вакви мерни инструменти имаме поставено во Скопје, Куманово а за некој ден и во Велес - кажа Ванчо Орданоски од Инфопроект.
Мерните инструменти ќе бидат поставени на приватен имот, според европски стандарди, не повисоко од три метри, на не ветровито место, да не бидат изложени на директно сонце, и резултатите кои ќе ги прикажуваат ќе бидат часовни, пресек за 60 минути.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ордановски потврди дека е можно да има разлики со вредностите од мерните инструменти на Министерството за животна средина и на УХМР,со тие од овој проект, бидејќи сите не биле на иста локација, и затоа се очекува да има различни измерени вредности.
Иако според енергенсите кои се користат при греењето, во стариот дел на Велес има висока загаденост, таму нема да се мери квалитетот на воздухот. Од ЕД Вила Зора објаснија дека населба Шорка е земена како компарација, бидејќи таму имало најмалку загадувањето на воздухот во градот, додека во Центар и Нова населба имало високи измерени вредности и сакале тоа да го покажат во пракса, па затоа се одлучиле за овие три локации.
Tweet |