Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 мај 2023
Електричните велосипеди конечно ќе бидат ставени во функција, откако без малку пред две години беа набавени. На последната седница на Советот, едногласно беше прифатен планот и програмата за работа со нив, предложен од ЈП Парк спорт и паркинзи.
Со планот се предвидува 20 електрични велосипеди да бидат поставени на две локации, едната е во спортската сала Гемиџии а втората на езеро Младост, во објектот кај прва плажа изграден токму за оваа намена.
Цената за изнајмување е 60 денари од час. Изнајмувањето ќе биде сите седум работни дена во седмицата, во период од 10 до 20 ч. шест месеци во текот на годината.
„На скала до 10 оценката за состојбата на велосипедите е помеѓу 3 и 4. Нивната гаранција истекува следната година. Ќе видиме како ќе реагираат велешани корисниците, се надевам и не очекувам дека ќе завршат во Вардар или бидат оштетувани. Платени се скапи а не се од врвен квалитет“ - рече Зоран Јаневски в.д. директор нa ЈППСП.
За активирање на овие електрични велосипеди ЈП ПСП предвиде времено ангажирање на три лица, кои ќе бидат околу изнајмувањето и еден мајстор за поправка, кој ќе биде ангажиран по договор. Во планот е предвидено и обезбедување на возило, со кое ќе се пренесуваат велосипедите, по завршеното платено изнајмување или за пренос ако се расипе при возењето, додека се користи.
Инвестицијата за набавка на 20 електрични велосипеди беше во вредност од 2.7 милиони денари, вклучува смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација за корисниците. Беа набавени во септември 2021 година.
Tweet |