речник контакт

Елено ќерко, Елено

Маалото на Џајкови, кај Варналиите, е уште едно од знаменитостите на Велес од почетокот на минатиот век.

Никола Солев

Маалото на Џајкови, кај Варналиите, е уште едно од знаменитостите на Велес од почетокот на минатиот век. Тука живееле побогатите велешани, за што сме сведоци и денес ние, судејќи по куќите што тука сеуште опстојуваат.

Тука кај Џајкови тогаш живеело и семејството на Илија Кртчев, еден од побогатите тогаш велешани. Тој тргувал со Солун и при секое доаѓање богато ги наградувал четирите сина, а посебно ќерката Елена. Таа била стројна, висока, убавица која посебно пленела со црните кадри коси и темните очи. Кога таа минувала младите ергени, но и постарите не можеле, а да не се загледаат по неа. Убавите фустани од Солун, уште повеќе ја изаразувале нејзината става и раскошна убавина. Чаршијата зборувала за нејзиниот љубен од Едрене, кој се оженил за друга.

По некое време се расчуло дека таа сепак решила да се мажи во Велес и тоа кај Боцеви, трговци од сокакот каде живеела Елена. Тие имале син Лазо кој бил способен трговец, со рало и плугови со големо богатство и дуќан на Стар мост. Радоста на двете фамилии била голема, се направила голема свадба. Радоста од убавиот живот била поматена што тие немале рожба, а по некое време Лазо се разболел и умрел. Таа му подигнала голем споменик во црквата  „Св.Спас“ носела црнина и тагувала по него.

Но времето го сторило своето, па таа се ислелила од куќата на Боцеви и живеела кај брат и. Повторно станала посакувана од многуте велешки ергени. Интересен е начинот на кој велешките мајстори сигнализирале кога минува убава жена низ чаршијата. Кондураџиите започнувале со там-там со чеканчињата, продолжувале леблебиџиите од улица со повик за вкусна леблебија, па следеле терзиите, срачите, грнарите, а месарите викале, „свежо убаво месо“. Така Елена ги пленела велешани се додека минувала низ чаршијата се до нејзината смрт во 1935-тата година.  

Песната „Елено ќерко, Елено“ е дело на нејзината слугинка, која  ја чешлала, облекувала и не останала рамнодушна на убавината на газдарицата. Оваа приказна ја зачувал Славко Николов поранешен директор на велешкиот архив и професор во Гимназијата. Како професор тој барал од учениците нивните родители или баби и дедовци, да ги запишуваат приказните за песните кои ги знаат. Меѓу сочуваните страници, истргнати од ученичка тетратка со убав женски ракопис, кој и денес се чува во велешкиот архив, накусо е забележано потеклото на оваа песна, испеана од слугинката на преубавата Елена Кртчева.




Елено ќерко, Елено

Елено ќерко, Елено
ти една на мајка
што стоиш ќерко, што мислиш
што книга пишуваш. [2х]

На кого ќерко, на кого
книга ќе испраќаш
испраќам мајко, испраќам
до градот Едрене. [2х]

Едрене мајко, Едрене
на батко Илија
да купи мајко, да купи
за мене капела. [2х]

Капела мајко, капела
од триста гроша
да носам мајко, да носам
на ден за Илинден. [2х]

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »