речник контакт

Ендуро трките, тест на издржливост

На мотор, на две тркала, на Солунска глава. Не е прашање дали ќе паднеш, туку кога и каде

Петар Печков

  Звукот на  моторите ечи и на планината Јакупица, но тоа не е звукот на моторните пили кои ги сечaт дрвјата, туку на спортските ендуро мотори, со кои група велешки љубители на спортот ја покажуваат нивната умешност во овој опасен предизвик. Се додека можат и покрај снегот, ветерот и лошото време, десетина велешки мотористи, љубители на екстремниот спорт се искачуваат по стрмните козји патеки. Често таму се сретнуваат и со планинарите , кои на нивно големо изнанедување гледаат мотористи на тешкиот планински предел. Тие се членови на мото клубот ,,Мото Велес,, кои пости десетина години, но во последните со нивните активности и возење го привлекуваат вниманието на јавноста. Сите тие возат еднуро мотори, кој по многу нешта е различен од другиот мото спорт.

Ендуро спортот  како екстремен е еден од поопасните спортови во мотоциклизмот. Последно време зема замав во светот, така и  во Македонија, има масовност  се повеќе луѓе се приклучуваат на возењето на две тркала по опасни оф -роуд патеки. Освојуваме планински врвови, непознати предели, ја истражуваме природата  и убавините од земјава, сето тоа е комбинирано со задоволството на возењето на две тркала – вели Сашко Ванов  претседател  на мото клубот Мото Велес и член на УО на Мото федерација на  Македонија. 

Велешкиот регион, посебно Азот, пределот на Јакупица, Караџица и Даутица  обилуваат со предели кои се мамка за овие спортисти. Секој викенд е можност за дружење и возење, надвор од постојните патеки, по камени, калливи или со снег покриени терени.

Пет минути пред да тргнеме екипата решава каде  е целта, дотогаш никој не знае. Во неколку наврати се имаме искачено и на Солунска глава на 2540 метри надморска височина. На овој начин несвесно станавме лидери на екстремното  и оф роуд  возење во Македонија. Доказ за тоа се бројните повици од нашите колеги пријатели од други градови, Куманово, Скопје,  кои знаат да се јават и најават дека и тие доаѓаат со нас на возење  следниот ден. Дури и нашите фејсбук пријатели, колеги од Бугарија најавија дека годинава напролет ќе дојдат на заедничка прошетка. Ние на свој начин ја откриваме Македонија. Глетката од Солунска глава не може да се плати со пари. Оф роуд сме биле се до Осоговските планини и назад, а годинава планираме таков карван до Кожув – вели Ванов.

Тие не знаат  за проблем кој е врзан за временските услови. До каде физички се во можност до таму се оди. Минуваат и по 200 км дневно, трошејќи ги последните сили, но сепак остануваат на две тркала. Така ги тестираат и своите физички  и психички можности, возејќи по планински сртови каде не стапнал и човек.

Сами себеси се нарекуваат ,,мото планинари,,. На тој начин се запознале и спријателиле со планинарите од ПД ,,Македон,, од Скопје. Така вљубениците на природата, секој на свој начин, едно со мотор, други пеш,  започнале пријателство кое се повеќе се продлабочува. Возејќи по такви предели, тешко пристапни, каде нема мрежа за мобилните, нема да има можност за помош ако во зло затреба,  членовите на мото клубот  Велес, за оваа темна страна на медалјата не сакат да размислуваат.

Се работи за еден од најопасните екстремни спортови мотоциклизмот оф роуд, каде опасноста демне од сите страни. Кај нас прашањето не е дали ќе паднеш, туку кога ќе паднеш и каде. Возиме на ивица од провалија, со голема брзина и досега немало ништо, се надевам дека  среќата ќе биде на наша страна и нема да имале лоша среќа –вели Сашко.

Тој беше осамен волк во овој спорт, но последните две години има голема експанзија меѓу неговите сограѓани, меѓу помладите велешани. Сега има друштво при за нив прошетките, за останатите предизвикот при искачувањето до Чеплес, Бреза, Солунска глава.... Колегите, вљубеници на оф роуд  мотоциклизмот се  Валентин  Тошев, Клеме Лазаров,  Панче Андонов, Виктор Ефремов, Драган Ванов, Бојан Лазов како најактивни.

Поради нив првата ендуро трка во историјата во Македонија се одржа на патеката на велешкото езеро Младост. Во овој предизвик по беспаќето, Сашко има друштво и во синот Драган, кој веќе неколку години е ,,мото фанатик,, . Семејството  Ванови е пример дека крвта вода не бидува, бидејќи таткото на Сашко, Драган сениор, сега починат е пионер на мотоциклизмот не само во Велес, туку и во Македонија.

Овој предизвик, мотоциклизмот беше посилен од мене. Генетските предиспозиции наследни од татко ми проработеа кај мене, нив ги има и кај синот. Јас сум ,,жртва,,  на љубовта на татко ми кон моторите. Беше неизбежно и јас да  продолжам со моторите и се уште сум активен на моите 47 години, да се натпреварувам и освојувам медалји а синот да продолжи – објаснува Сашко.

За постигнувањата на татко му Драган зборуваат постарите велешани, кога тој во центарот на градот, во 50-тите години на минатиот век, знаел  моторот да го крене на едно тркало, предизвикувајќи аплаузи и внимание кај минувачите.  Но овој спорт е екстремно скап, за 40 години возење, Сашко употребил  50 мотори, повеќе од еден во година во просек. Или на нив  потрошил како да купи и опреми еден стан во центарот на градот.  

Објаснува дека тоа е негова голема љубов и нема повлекување, цел живот  го вложил во тие две тркала. Има голема желба да вози на три најекстремни трки во Европа од ендуро, Австрија, Турција и Романија. Вели дека за тоа му се потребни околу 1,5 илјади евра за да може на тие патеки, кои се предизвик, да  ги крши моторите но и себе си. Тоа било сон на  секој возач на ендуро. Ланската 2011 година е најуспешна за мото клубот Мото Велес,  во класата Е3 над 450 кубика шампион на Македонија е Валентин Тошев, во Т1 првак е Виктор Ефремов. 

зборот ендуро потекнува од  англискиот  endurance, што знали издржливост. Во случајот со моторите тоа е трка на издржливост и на возачот но и на машината, по тежок, нерамен терен, полн со предизвици, нерамнини, препреки. Така на ланската трка во Скопје возеле стотина метри по пруга, по праговите и шините, додека на трката во Гостивар, врнело истурало а тие водени до кожа, машки издржале четири часа, многу откажувања, падови. Како изненадување за годинешнава трка на езерото Младост, која била најпосетена од гледачите,  се подготвуваат повеќе замки,каде ќе има тракторски гуми, камења, песок...

Неисполнета желба на Сашко Ванов е учество на релито Дакар. За ова имал покана од српскиот моторист, учесник на релито Габор Сагмајстор, негов личен пријател. Во неколку наврати бил поканет да вози на трката која е најпозната во светот, но за учество таму биле потребни 40 илјади евра котизација. За ова разговарал со неколку големи македонски компании кои можат по пат на реклама да помогнат и Македонија да има учесник на релито Дакар, но засега немало интерес. Иако тие компании биле директно вклучени во автомобилската индустрија и се големи светски брендови, рекле ,,не,,.  ,,Македонија остана една од малкуте европски земји кои не учествувале на оваа трка, вели Ванов. Но Ванов го вози овој опасен спорт од ентузијазам, без поддршка од спонзори, но затоа со свои средства.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »