Петар Печков
Објавено: четврток, 06 февруари 2014
Ергените со повеќе од 40 години возраст и момите над 35 години, од општина Лозово ако стапат во брак наредниот период ќе добиваат парична помош од локалната власт. Со оваа мерка тие ќе добиваат по 20 илјади денари од Општина Лозово, но само за едниот партнер, во случај ако и двајцата ги исполнуваат условите за парична помош. Но за свадбената радост сопственикот на Зегин, Благој Механџиски доделува 50 литри ракија и 100 литри вино.
Оваа одлука е со цел да се зголеми бројот на бракови во општината, но и наталитетот на населението кој е во опаѓање. Имаме 98 ергени над 40 години и 8 моми над 35 години. Ако своевремено само осмо одделение имаше 160 ученика, сега основното училиште во Лозово брои вкупно 200 ученици во сите одделенија. Одлуката е донесена по мој предлог и е усвоена едногласно со поддршка од советниците на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ и од независните – изјави градоначалникот Орце Цветковски.
Тој потсети дека општината Лозово последните две години давала а има одлука и за натаму- во следниот период, да доделува пет илјади денари за секое новороденче.
Зегин освен ракија и вино на момчето и невестата им нуди работа во лозарството, во зависност од квалификациите, потоа опремување на купатилото до 50 илјади денари и доколку има потреба бесплатен лекарски третман за невестата до породувањето.
Според Цветковски, Механџиски се решил да помага во Лозово, оти тука имал големи површини со лозови насади. Во Општина Лозово во 11 населени места живеат 2.858 жители. Досега во Лозово поради склучување на брак биле дојдени 17 Албанки и две Украинки. За склопување на брак со нив, посредниците барале од 500 до илјада евра.
Tweet |