Петар Печков
Објавено: петок, 23 август 2024
Велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот, со претставата „Едвард Втори” е селектиран во официјалната селекција на меѓународниот Фестивал на мали и експериментални сцени Сараево МЕСС. Претставата е според Кристофер Марлоу, во режија на Украинецот Андриј Жолдак и драматургија на Сашо Димоски, копродукција меѓу Велешкиот театар и Драмскиот театар од Пловдив, Република Бугарија.
Фестивалот МЕСС е најстариот театарски фестивал во југоисточна Европа, основан во 1960 година и уште од своите зачетоци е иноваторски, ризикувајќи и вложувајќи во најхрабрите уметнички проекти. Претставата “Едвард Втори” ќе биде изведена на сцената на Народно Позориште Сараево на 6 октомври .
Есенва велешки театар ќе настапи и на меѓународниот Фестивал на алтернативен театар со две претстави. Во официјалната селекција избрани се „Нема струја за електричниот стол” и „Мац, Мац” во официјалната селекција на ФИАТ во Подгорица, Црна Гора.
Претставата „Нема струја за електричниот стол”, текст на Александр Секулов и режија на Дејан Пројковски, претходно беше изведена во Пловдив, на фестивалот “Сцена на крстопат”, на Македонскиот Театарски Фестивал во Прилеп, како и на сцената на Београдско Драмско Позориште преку меѓународниот протокол “Наши Денови”, а гостуваше и во Драмски театар Скопје. Претставата ќе биде изведена ќе биде на сцената на Црногорско Народно Позориште , на 14 октовмри.
Претходниот ден, на истата сцена, ќе биде изведена ретставата “Мац, Мац”, копродукција со театарот “Пресврт”, режија и кореографија на Филип Петковски, според “Мачка на вжештен лимен покрив” од Тенеси Вилијамс. Ова е второ меѓународно претставување на оваа копродукција, после онаа на ИТФ Приштина, каде беше и наградена.
Tweet |