Петар Печков
Објавено: сабота, 07 мај 2022
Натпреварот од 18-тото коло на Првата женска фудбалска лгиа помеѓу ЖФК Борец и ЖФК Атлетико беше прекинат по 20 минути игра, при резултат 4:0. Гостинките кои се последни на табелата со само еден бод, во Велес допатуваа со задоцнување од половина час. Згора на тоа само со седум фудбалерки, со колку минимум може да се игра официјален натпревар. По 20 минути игра, откако го примија 4-тиот гол и само што тргнаа од центар, една од гостинските фудбалерки прими топка и падна како покосена, иако немаше никој околу неа. Таа се жалеше на повреда, излезе од терен а бидејќи немаа замена, судијката отсвири крај. Извесно е дека велешанки ќе го добијат натпреварот со службен резултат од 3:0 и ќе се искачат на 4-тото место со 36 бодови. Во следното коло гостуваат на лидерот ФК Љуботен во Тетово.
Во претпоследното коло на Втората фудбалска лига Исток, ФК Локомотива играше со соседот на табелата ФК Братство од прилепско Житоше и тоа беше средба на екипи од дното на табелата. Заврши 2:2 (1:0). Домаќините израмнија од пенал во четврта минута од судиското продолжени и по долго време забележаа еден бод во салдото. Сега имаат 7 и се последни. Во последното коло гостуваат на ФК Пехчево која е 6-та со 30 бода и се борат за опстанок.
Tweet |