Петар Печков
Објавено: петок, 13 март 2026
Најстарата висококатница во Велес е т.н. „Жаба зграда“ изградена 1957 година, дело на словенечкиот архитект Јоже Херман, кој дел од својот живот го минал во градот. Зградата е на осум ката.
„Жаба зграда е најпрепознатливите и првата станбена зграда. Таа е најстарата кула надвор од Скопје и прва станбена кула во Велес. Нејзината карактеристична основа, го формира нејзиниот лик и самото име – „жаба зграда“. Нејзиниот скелетен систем воведува новина во домувањето во Велес“ – кажа Марија Петрова, архитект од Кочани, која ја проучуваше архитектурата на високите велешки згради.
Жаба зграда е проектирана од Проектантско биро“, финансирана од Народен одбор на Титоввелешка околија а изградена од ГП Младост, сите од Титов Велес. Архитектот Словенецот Херман дошол да живее во Велес, тука се оженил со велешанка Петрана, добиле две деца Бригита и Виктор за во почетокот на 70-тите години да се вратат фамилијарно во Цеље.
Според сопственикот на прва воденица Бошко Јаневски, оваа зграда е градена со материјал од карпата Цуцка која се наоѓа во близината на вливот на реката Тополка во Вардар, каде се наоѓала воденицата и бил сведок како се крши каменот и се користи.
Станбените кули на градот Велес се модерна реформа од втората половина на 20-тиот век. Тие го создаваат новиот идентитет на градот, кој се стреми кон модерноста, домувањето по современи стандарди и населувањето во височина.
Во Велес има 22 висококатници, некои и со идентичен изглед, како кули близначки.
„За жал дел од постарите кули во Велес доживуваат судбина на запоставеност, која се должи на застареноста која е природен процес во домувањето во вертикала. Тоа ни отвора дилема, дали тоа што некогаш било важно за градот е важно и денес“ – вели Петрова.
Таа и нејзини колеги истражувале за изградбата на велешките висококатници. За дел од нив нашле податоци во Историски архив – Велес. Така зградата кај НА-МА е од 1969-та дело на архитект Петко Јосифовски инвеститор Народен одбор на Титоввелешка околија, проектирано од Проектантско биро а изградена од ГП Младост, сите од Титов Велес. Зградата на ХИВ е изградена 1977 година, дело на архитект Андреја Нешов, инвеститор СИЗ за становање, проектирано од Проектантско биро. Зградата наречена Панини изградена 1974 е дело на архитекти Воислав Филевски и Кирил Јажев инвеститор, проектант и изградба ГП Бетон Скопје. Зградите кај Интернатот изградени 1977 дело на архитект Љубица Маленкова, инвеститор СИЗ за становање, проектант и изградба ГП Пелагонија Скопје. Зградите спроти споменикот на Панко Брашнар дело на архитекти Виолета Чанева и Андреја Нешов, инвеститор СИЗ за становање, проектант Проектантско биро а изградба ГП Младост. Зградите К-2 спроти касарната дело на Андреја Нешов и Соља Јуруковска, инвеститор СИЗ за становање, проектирано од Проектантско биро, година на изградба 1989 година. За другите објекти висококатници не биле обезбедени податоци кој се авторите архитектите, инвеститорите и изведувачите.
| Tweet |






