Петар Печков
Објавено: вторник, 25 јуни 2013
Ракометниот интернационалец левото крило Горјан Анастасовски (32 год) ја заврши професионалната кариера, но и натаму останува во овој спорт. Откако пролетва се повреди, заврши со четири годишниот настап во францускиот прволигаш Вилпанд и од есен ќе игра за екипата на Ливри, која е член на понизок ранг од натпревари.
Сезоната за мене заврши поради повреда, некое време бев тука во Велес. Ми требаше време и период да се рехабилитирам. Од август почнувам во новиот клуб Ливри Гаргам, аматерски клуб, кој пред неколку години имаше и значајни улоги во францускиот ракомет – вели Анастасовски.
Тој времето во родниот град го исполнуваше со средби со пријателите, риболов, рекреација. Во Франција е од есента 2006-та година, и за овие седум сезони промени четири клуба. Откако претходно настапуваше во Борец, Пролет и Вардар, неговиот професионален ангажман се врза исклучиво во француски ракометни клубови. Зад себе има 80-тина настапи за сениорската и младинската ракометна репрезентација. Малку го имаше во македонската јавност, се повлече и остана скриен и за селекторите.
Ми се случи несакана повреда додека бев во Вардар, во март при крај на сезоната 2006-тата. Имав операција на препоните, не беше никој заинтересиран да земе повреден ракометар па заминав во Париз и оттогаш мојата кариера е врзана за тамошни клубови – вели Горјан кој живее во Шарп 60-тина км близу до Париз.
По сите години играње ракомет остана верен на бројот 17, дресот постојано му е нумериран со оваа бројка. Иако имаше можност за успешна ракометна репрезентативна кариера, тоа не се случи. Тој е генерација 80/81 со Лазаров, Мојсовски, Стоилов, Јоновски, Мајнов, Темелков, Ристовски со кој ги започна првите ракометни настапи во младата селекција на ЕП во Грција.
Минав пет одлични години со репрезентацијата, во двете категории а многу ми е криво што останав недоречен, настрана од успесите кои ги забележаа коелгите. Повредите дојдоа во лош момент, кога го најдов местото во врвот на македонскиот ракомет. Со Вардар бевме и во полуфиналето на Купот на националните куп победници, каде не елиминира Загреб. Жалам што не освоив титула во македонскиот ракомет. Потоа заминав во странство, дојдоа некои помлади ракометари, на мене се заборави, немаа увид во моите игри. Не бев во прв план, ме умори тоа, постојано да стигнам некого. Ете 90 отсто од мојата генерација уште костур на репрезентацијата. – објаснува Горјан Атанасовски.
Тој на есен продолжува со ракомет, не на некое високо професионално ниво, повеќе полупрофесионално. Завршува тренерска школа да добие лиценца и да биде тренер во Франција. За почеток ќе работи паралелно во клубот со младинските категории. Таму ја гледа својата иднина, не размислува да се врати во Македонија, има свој круг на пријатели, и ја чека девојката на неговите сништа за сопруга.
Tweet |