речник контакт

Жена во затвор оти го малтретирала сопругот

Се случи прв пат сопруга да добие затворска казна оти вршела семејно насилство врз сопругот

Петар Печков

 Велешанка е осудена на условна казна затвор затоа што физички го малтретирала сопругот, што е  еден од ретките случаи за семејно насилство од жена над маж, кој доби судска разрешница. 

М.З. ( 32 год) од селото Мелница за кривичното дело телесна повреда е прогласена за виновна и осудена условно на една година затвор, доколку во следните две години не изврши друго кривично дело. Таа  е мајка на пет малолетни деца а со оштетениот сопруг  С.Б.  подолги години била во вонбрачна заедница.

Обвинетата на 27 февруари   годинава, извршила   семејно насилство при што му нанела телесна повреда на нејзиниот вонбрачен другар, кој бил од истото село. Таа утрото додека оштетениот спиел во кревет го удрила во главата, па почнала да го навредува и да му се заканува дека ќе го избрка на улица, држејќи нож во рацете, кој невенчаниот маж успеал некако да и го одзеде и побегне.

Ова е едно од двете вакви дела, семејно насилство од жена над маж, кои во првите шест месеци се случија во велешко. За истиот период СВР Велес регистрирала девет случаи на семејно насилство во општината, наспроти 21  за целата мината година. Социолозите тврдат дека насилството не познава пол и возраст и тоа е присутно, иако можеби се таи. Ако пред десетина години се кршеше мразот, кога жената се отвораше и зборуваше за семејното насилство, сега доаѓа време, кога мажот ги надминува бариерите и јавно говори за насилството врз него.

Нема разлика меѓу насилството, дали е од страна на мажот или жената. Постои разлика меѓу видовите на насилство и начините на  негово решавање. Присутно е насилството и маж над жена и жена над маж, но поради традиционалниот начин на живеење, досега се притајуваше. Машкото его, дека тој доминира во сите општествени формации, срамот од неспособноста да се надмине проблемот,  е причина да се крие овој проблем. Во случаите кога  се врши семејно насилство врз мажот, тоа е повеќе психолошко отколку физичко малтретирање.  Таложењето на проблемите, било психички било физички, е причина кога ќе се мине црвената граница и толеранцијата,   да доведе до избезуменост, самоконтролата се губи и доаѓа до насилство – вели  Весна Дончевска социолог.

Велешката јавност како најостар случај на семејно насилство го помни тој од пред четири години кога Х.В. ( 60 год) повеќе години го малтретирала невенчаниот сопруг Н.Д. ( 59).  Тие живееле 30 години во вонбрачна заедница иако имале две полнолетни ќерки. Проблемите настанале откако Н.Д. останал без работа и дома не носел пари. Тогаш започнал неговиот пекол, бидејќи  Х.В. започнала во станот да ги носи љубовниците а забранила дома   да му доаѓаат гости, пријатели и роднини.  Му забранила да гледа телевизија, да користи греење, наместо на маса јадел на под. 15 години живееле сам во една соба каде имало само еден кревет. Ако се случило да дојде дома подоцна од Х.В останувал пред заклучената врата па спиел во подрум или гаража.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »