Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 август 2013
Со своите исклучителни таленти особено како мајстор на пишаниот збор, храбра и посебна, Сара Маргарет Фулер ја имала таа несреќа да се роди во 1810 година во Кембриџпорт, Масачусетс, во време и на место кадешто жените не морале да бидат ништо друго освен културни, покорни, понизни, женствени и побожни. Фулер, како чиста спротивност на тоа, била „агресивна, арогантна, дива и остра на јазикот“, па уште на 9-годишна возраст забранила да ја викаат Сара, сметајќи дека Сара е име за „девојченца“. Благодарение на упорноста на својот татко Маргарет почнала да чита и да пишува уште на трииполгодишна возраст. Добила строго образование карактеристично за момчињата, а и било забрането да чита женска литература како што се романите. Оттука, не чуди што уште во најраната младост, откако ќе го преведе Вергилиј од латински, таа веќе пишувала моќно, „машки“ и остро, стресувајќи ги сите писатели и интелектуалци со своите строги, прецизни текстови.
Подоцна во животот, Маргарет се изјаснила дека строгоста на нејзиниот татко и неговото инсистирање на точност и прецизност биле причина за нејзините кошмари и месечарењето што ги имала како дете.
Сè до ненадејната смрт на татко и, кога имала 24 години, Маргарет немала финансиски грижи, но потоа се соочува со тешкотии и со скржавоста на вујко и, кој ја презема грижата за семејството. Одлучува таа грижа самата да ја преземе на себе, да ја издржува финансиски куќата, мајка си и своите помали браќа и сестри. За да заработи, одлучува да дава часови на различни теми и почнува да заработува нешто од своите „студенти“ надвор од секоја институција, кои во почетокот се малку, но потоа се намножуваат, истовремено почнува да преведува книги за ситни хонорари, да пишува биографии за веќе познатите автори, и иако до својата 30-годишна возраст станува најобразованата жена на своето време, финансиски едвај се бори за да преживее. Својата прва авторска книга ја објавува во ноември, 1834 година, како одговор на историчарот Џорџ Банкроф.
Иако во младоста имала проблеми да се спријатели, девојките ја избегнувале, а момчињата се плашеле од неа, подоцна ќе создаде широк интелектуален круг од луѓе што и се восхитувале и ја почитувале, но сепак никогаш не се зближувала премногу со нив.
Прва жена-уредник
Во 1835 година, Ралф Валдо Емерсон барал уредник за неговиот весник „Тхе Диал“. Откако неколкумина ја одбиле оваа понуда, тој и ја понудил на Фулер, обраќајќи й се како: „моја забавна пријателке“. Имено, Емерсон првпат ја сретнал Фулер на Кембриџ во 1835 година и признал дека за време на средбата „таа го насмеала повеќе одошто сакал“. Следното лето, Фулер поминала две недели во домот на Емерсон, во Конкорд, кадешто се зацврстило нивното пријателство. Таа ја прифатила понудата на Емерсон да биде уредник на „Дајл“ и го уредувала весникот првите две години од неговото постоење.
Со „Дајл“, како најинтелектуален весник во тоа време, Маргарет ја добива својата посебна публика, но самиот весник се соочувал со финансиски проблеми, па никогаш нема да биде исплатена за тоа што го пишува. Уредникот на „Њујорк трибун“ ќе ја повика да премине кај него и со тоа ќе стане прва жена-новинар вработена во еден весник, за годишен надомест од 500 долари.
http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%B0%D1%80%D0%B3%D0%B0%D1%80%D0%B5%D1%82_%D0%A4%D1%83%D0%BB%D0%B5%D1%80 - cite_note-49 Нејзиниот прв напис, критика на збирката есеи од Емерсон, излегол во печат на 1 декември 1844 година. Во тоа време, весникот имал околу 50.000 претплатници.
Покрај американските книги, таа рецензирала и странска литература, концерти, предавања и изложби. Во текот на четирите години таму, објавила повеќе од 250 колумни. Во тоа време веќе имала 30 години и се стекнала со репутација на најучена личност во Нова Англија, и помеѓу мажите и помеѓу жените, и станала првата жена на која и било дозволено да ја употребува библиотеката на колеџот Хардвард. Но со новото вработување била принудена и критиките да ги насочи кон политичките и социјалните проблеми во земјата, да пишува за затворите и азилите, актуелни за тоа време. Така влегува во јавни дуели (но и лични дописки) со многу од писателите и политичарите на тоа време, од Америка и Европа, и на тој начин станува и прв книжевен критичар и прв рецензент на книги истовремено, со полно работно време.
Влегувајќи во различни жестоки дискусии со познати интелектуалци од своето време, влетува во една необична дописка со Едгар Алан По, кој истовремено флертувал со мажената поетеса Франсис Оскуд, но веројатно и со поетесата Елизабет Елет, која била „смртно“ вљубена во По, но од него била сосема запоставена. Несреќна поради гласините дека е оставена заради Оскуд, Елет ја пушта во јавност аферата на големиот писател и мажената поетеса. Знаејќи за пријателството на Маргарет и По, Оскуд ја замолува Маргарет да оди кај него и да побара да и ги врати писмата, со цел да ја скрие нивната врска. Но По прави скандал од тоа, повреден од барањето на Оскуд, ја истерува својата пријателка Маргарет од дома, нарекувајќи ја „душкало“, а целиот скандал добива светски размери.
За да се стиши скандалот во САД, Фулер е принудена од „Њујорк трибјун“ да замине за Европа и со тоа станува и прва дописничка од странство. Се сели во Лондон, каде што се спријателува со Вилијам Вордсворт, а потоа во Франција станува пријателка на Жорж Санд, која била слична на неа.
Италија сепак е пресудна за Маргарет. Тука се запознава со маркизот и револуционер Џовани Осоли, помлад од неа 11 години, се вљубуваат и почнуваат интимна врска. Веројатно тајно се венчале во април 1848 година, кога Маргарет веќе била бремена во петтиот месец. Тајно го раѓа и нивниот син, Анџело, но набргу се случува римската револуција и Осоли мора да се скрие во Фиренца, а Маргарет останува да пишува написи за револуцијата.
За да останат заедно, но и за Осоли да не заврши во затвор или нешто уште пострашно од тоа, тие одлучуваат да пребегаат во САД. Тоа е нивното последно патување. На 19 јули 1850 година сите тројца загинуваат во бродолом, малиот Анџело, Џовани Осоли и Маргарет Фулер – на 40-годишна возраст. Телото на Фулер никогаш не е пронајдено.
Значењето на Фулер
Едно од најважните дела на Фулер, „Големата парница“, било напишано во делови, во весникот „Дајл“. Првично требало да се вика, Големата парница: Мажи наспроти мажи, жени наспроти жени, но кога била завршена и издадена во 1845 година, била насловена како „Жените во деветнаесетиот век“. Откако ја завршила, таа му напишала на еден пријател: „Вложив огромен дел од себе во тоа и чувствувам дека сега и да си заминам, ќе оставам доволно голем печат на земјата“. Делото се однесувало на улогата што жените ја имаат во американската демократија и ставот на Фулер во поглед на можностите за подобрување. Оттогаш, тоа станало еден од најважните документи во американскиот феминизам. Се смета дека тоа е еден од првите од таков вид во САД.
Маргарет била заштитничка на правата на жените и општо, на правото на жените за образование и вработување. Таа исто така била поборник и на многу други реформи во општеството, како на пример, реформите во затворот и реформите за еманципација на робовите во САД. Многу од останатите застапници на феминизмот и правата на жените се инспирирани од Фулер и ја цитираат, меѓу кои и Сузан Антони. Сепак, голем број од нејзините современици, како на пример нејзината поранешна пријателка, Хариет Мартине, не ја поддржувале. Мартине сметала дека Фулер е повеќе филозоф отколку активист.
Кусо време по смртта на Фулер, нејзината важност опаднала; уредниците кои ги подготвувале нејзините писма за објавување, верувајќи дека нејзината слава ќе биде краткотрајна, не ги пренеле веродостојно и биле цензурирани или во поголем дел изменети.
Најначитаната жена на светот во времето во кое живеела, првата жена-уредник и прв дописник од странство, Маргарет Фулер, со своето остро „машко“ перо го трасирала патот по кој денес слободно одат припадничките на нејзиниот пол кои знаат остро да критикуваат и гласно да размислуваат.
текстот е преземен од МИА
Tweet |