речник контакт

Жител на село Бањица каснат од змија, во дворот кај чешмата

Ова е трето каснување од змија во велешко за десет дена

Петар Печков

Вчера, понеделник  доцна попладне, жител на  велешкото село Бањица бил каснат од змија. Според неговото кажување тоа било поскок, настанот се случил околу 20,50 ч. кога отишол да се измие во чешмата од семејниот  двор.  Ј.Д. (74 год) бил каснат за ногата.  Неговите блиски со автомобил, во интерес на времето тргнале кон Велес.

„Добиен е повик  во 20,55 за лице каснато од змија поскок, пресретнато е кај село Клуковец. Третиран е со антивиперинум серум и  останата потребна терапија и е пренесен во велешка болница“ – информираше д-р Василка Пановска, началник на службата за Итна помош од ЈЗУ Здравствен дом Велес.  

Службата за Итна помош од Велес, интервентно се снабди со нови дополнителни дози на змиски против отров, откако пред десет  дена, постојните биле потрошени на двајцата пациенти, кои беа каснати од змија.

„Пациент каснат од змија е примен на Интерно одделение во 21,55 ч. Тој веќе ја примил неопходната терапија од антивиперинум од екипата на Итната помош. Лицето е  е во стабилна состојба и утрово беше префрлен на Инфективно одделение. Попладнево е пуштен на домашно лекување“ – кажа Марина Андова портпарол на Општа Болница Велес.  

Ова е трето каснување од змија во велешко за десет дена. Претходно две лица  кај село Војница, беа каснати, откако при работа на лозје наишле на змиско гнездо. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »