речник контакт

Жителите на Башино Село реагираат на работата на каменоломот и асфалтната база на „МИ СА МГ“

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), по барање на граѓани извршил мерење на емисиите на прашина, кои ги емитува асфалтната база и каменолом МИ СА МГ. При мерењата биле констатирани неправилности, за кои е изречена мерка опомена.

Петар Печков

Жителите на велешко Башино Село  реагираат на работата на Асфалтна база и каменоломот „МИ-СА МГ“. Башиноселци посочуваат дека секојдневно прашината од работата на инсталација, преку воздухот, стигнувала до селото.  Од детонациите во каменоломот на некои куќи се јавиле оштетувања и   стравуваат дека не се безбедни ниту во домовите.

„Немаме мир, прашина, загадување, детонации. Немаме спокоен живот. Инсталацијата е преку реката Вардар, во правец на селото, нејзината работа ние директно ја чувствуваме. Иако имаат обврска да ја полеваат земјата и патот при работите, имаат и прскалки, тие тоа не го прават и таа прашина доаѓа до селото“ вели Љупчо Бабуновски, претседател на МЗ од селото.  

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), по барање на граѓани извршил мерење на емисиите на прашина, кои ги емитува асфалтната база и каменолом МИ СА МГ.   При мерењата биле констатирани неправилности, за кои е изречена мерка опомена.  

„При вонредниот надзор се утврди дека мерките за заштита на животната средина за ублажување на влијанијата врз амбиентниот воздух - Прскање на пристапните патишта и површини со вода, за да се намали емисијата од прашина, не се извршуваат.  Издадена е наредба со задолжување да се спроведуваат операциите за справување со емисиите на прашина во амбиентниот воздух, задолжително и без исклучок.  За кратко време активностите беа воспоставени од страна на операторот. Операторот е опоменат дека секое следно извршување на активностите кои се спротивни на пропишаните услови во интегрираната еколошка дозвола ќе се смета за прекршок“ - соопштија од ДИЖС.

Инсталацијата МИ-СА МГ се наоѓа на север од Велес, на влезот во градот од правец на Скопје. од десната страна на реката Вардар.  Тие имаат добиено  „Б“ дозвола за каменоломот.  На 25 февруари годинава МИ СА МГ за Асфалтната база има добиено „А“ еколошка дозвола издадена од Управата за животна средина, но во истата  нема документ дека е извршена јавна расправа.

Наспроти тоа жителите велат дека учествувале и поднеле петиција а реагирале и до ЕД Вила Зора, по најавата за изградбата на инсталацијата.

„По најавите дека ќе има јавна расправа за оваа инсталација, поднесовме писмена петиција со потписи од жителите дека се противиме за нејзината работа. Бевме и на јавната расправа, каде јавно го кажавме нашиот став. Ниту нашите реакции се земени во предвид а треба да бидат земени при донесувањето на дозволата, иако ние и десетина други лица бевме присутни. Реагиравме и до екологистите,  никаква реакција не добивме “ вели Бабуновски.  

Инсталацијата „МИ СА МГ“  согласно  добиената „А“ еколошката дозвола задолжена е да врши монторинг на испустите од постројката за производство на асфалт, како и мониторинг на емисиите на прашина во амбиентниот воздух, два пати годишно. Првиот извршен во август бил во рамките на  граничните вредности,  вториот мониторинг годинава треба да се изврши  месецов. Асфалтната база нема да работи   зимскиот период, додека каменоломот ќе продолжи со работа.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »