Петар Печков
Објавено: вторник, 26 февруари 2013
Надојдениот Вардар ги однесе двата помошни дрвени моста на реката Вардар кај селото Ногаевци. Така жителите се повторно отсечени од светот. За да стигнат до регионалниот пат Велес- Градско мора да возат по обиколниот земјен пат и така да вртат плус 20 километри. Тие се лути што и покрај најавите дека мостот кој се обновува, не е завршен и покрај рокот дека ќе биде готов до септември лани.
Преку овие два моста ни беше најблизу до Градско и Велес. Ама еве Вардар дотече и ги однесе. Земјениот пат кој ни е алтернатива, не може д се користи. Го принаправија 2011-тата, ама од тогаш до сега е оштетен. Не може да се вози, такви дупки има и сега треба него да го користиме за да излеземе од селото.
Пак сме отсечени – велат жителите на Ногаевци кое брои околу 250 население. Сега им се врзани рацете и не можат од пренесуваат преку Вардар се што им е потребно за нормален живот. Лути се што мостот не е готов иако сите рокови се одамна пробиени.
Беше најавено дека септември, најдоцна октомври ќе биде готов обновениот мост. Сега завршува февруари. Вардар можеше да ги однесе дрвените мостови и порано, но имавме среќа што есента не беше така дождлива и тој имаше ниско ниво. Наместо уште тогаш да го завршат, се одолжи градбата половина година – велат жителите од селото.
Комуникацијата со нив беше телефонска или пак со довикување преку надојдената река. Оти ниту тие можеа да излезат од селото, ниту некој можеше да стигне таму. Не знаат како ќе се вратат децата од училиште оти мостовите паднале откако тие утрото заминале. Од локалната власт на општина Градско велат дека изведувач на работите е ГП Гранит и тие имаат рокови за градба.
Изведувачот ни вети дека најдоцна за 40 дена мостот ќе биде готов. Останува ова нивно ветување да го исполнат . Земјениот пат кој е врска до селото е навистина лош оти после тампонирањето јануари 2011-тата не се изведени никакви зафати, но ќе мора да го користат. Кога ќе падне нивото ќе се изгради времен дрвен мост. Тој е потребен и на изведувачите и на селаните – вели Григур Коцев градоначалник на општина Градско.
Мостот на реката Вардар кај Ногаевци падна на 5-ти декември 2010-тта поради надојдениот Вардар. Жителите на Ногаевци претходно неколку години алармираа дека мостот е во лоша состојба и при повисок водостој тој може да се сруши, што подоцна и се случи.
Tweet |