Петар Печков
Објавено: сабота, 02 јули 2022
Жителите на Папрадиште претпладнево два часа протестираа. Не дозволуваа никој со превозно средство за влезе или излезе од селото. Нивната реакција била поради оштетениот пат од Богомила до Папрадиште.
„Тешките камиони на Македонски шуми, кои пренесуваат исечено огревно дрво, толку го оштетија патот со селото, што до него не може да се пријде. Сега не враќаат во 14 век, на магариња да патуваме, наместо со автомобили“ - велат селаните кои протестираа.
Преку лето селото Папрадиште живее, бидејќи голем број на мештани во летните месеци се враќаат и престојуваат тука. А има и бројни туристи кои престојуваат во планинарскиот дом „Папрадиште“. Селото е во регионот на Азот, општина Чашка.
Проблемот се актуализирал, откако пролетва е дадена под концесија површина од 44 хектари, дабова шума на влезот од селот, за која мештаните реагираа дека е млада не постара од 15 години и не треба да се сече.
Надлежните кажаа дека за сечата има одобрение, но за да ги смират мештаните им ветиле дека за возврат ќе ги асфалтираат критичните два километри од патот Богомила - Папрадоште, кои од тешките камиони биле сериозно оштетени. Но досега тоа не се случило, по што селаните денес протестираа.
Најавија дека од понеделник нема да дозволуваат да сообраќаат камионите кои ја сечата шумата.
Tweet |