Петар Печков
Објавено: среда, 21 ноември 2018
Жителите од улиците Ордан Џинот, Вера Циривири, Јане Сандански, Горѓи Димитров и Маца Овчарова со петиција доставена до локалните власти и ЈКП Дервен бараат уредување на Потокот. Соочени со лоша еколошка слика изминатите години од овој дел од левата страна на Велес барaат решавање на проблемот итно и неодложно .
Затрупани со големи количини на смет и отпадни материи, како жители на месноста Поток алармираме за носење итни мерки за редовно чистење на сметот и отпадни материи и тоа се со цел заштита од заразни болести, инсекти и непријатна миризба - стои во петицијата. Затоа нагласуваат, како велешани од најстариот дел на градот бараат:
-Под итно решавање на повеќегодишниот проблем со сметот на Игралиштето кај Потокот, отворање на каналот од игралиштето и покривање на истиот со метални шипки за во иднина полесно чистење и избегнување на сегашната катастрофална еколошка ситуација. Изградба на бетонски зид од јужната страна заради нарушена безбедност од одрон на камења и поставување на клупи под мостот како место за одмор на граѓаните.
-Парично казнување на сите несовесни поединци за фрлање на сметот во каналот. Не може заради неколку поединци да се руши угледот на совесните и културни граѓани и поради неколку поединци сето тоа да го трпат сите жители на овој дел од градот.
-Бидејќи мнозинството граѓани се совесни и совесно си ги плаќаат комуналните давачки, бараме редовно чистење на каналот од страна на ЈКП Дервен, најмалку 10 пати во годината (во летниот период секој месец).
-Менување на сите азбесни цевки и старa водоводна мрежа, бидејќи во секоја куќа има влага поради подземни води, лоша канализациона мрежа која прави големи материјални штети на граѓаните кои живеат на улиците Вера Циривири, Ордан Џинот, Јане Сандански, Ѓорги Димитриов и др.
- Чистење на целиот канал од Потокот, не парцијално туку целосно од чистење од почеток на улицата Јане Сандански се до крајот на улицата Вера Циривири, поставување на метални огради заради безбедност, подобрување на осветлувањето на улиците.
Потпишаните стотина граѓаните од овој дел на Велес, ја поддржуваат оваа иницијатива. Доколку не наидат на разбирање најавуваат преземање други демократски мерки се до исполнување на барањата.
,,Ова е модерно време а не време на мрак. Ние сме цивилизирана група која знаеме што е урбан и модерен начин на живеење и не сакаме да живееме во мрачна и еколошка мизерија,,стои во петицијата.
Неодамна од ЈКП Дерен информираа дека извршиле вонредно петто чистење на Потокот, кај игралиштето и само по една седмица несовесни граѓани веќе фрлиле нови количества смет на таа површина.
Tweet |