Петар Печков
Објавено: среда, 13 октомври 2010
Жителите на велешките села Кумарино и Сујаклари не се согласуваат во нивна близина да се подигне свињарска фарма и тие жестоко реагираа при јавната презентација на стратегиската оценка на овој капацитет. Фармата треба да се подигне помеѓу овие две села на површина од 1,8 хектари. Селаните аргументирано ги посочија сите можни проблеми кои можат да се појават со изградбата на оваа свињарска фарма.
Локацијата е лошо избрана на 150 метри од извор за вода за пиење, преку самиот плац мине река во одреден дел од годината и при врнежлив период, почвата е чакал, песок, ружата на ветрови миризбата ја носат во двете села. Ако се било во ред во 60-тие години од минатиот век, тука војската ќе изградеше и аеродром, но по нивните истражувања се повлекоа – објаснуваат жителите од овие две села каде живеат околу 500 жители.
Тие немаат против за фарма за тов на телиња во близина на двете села која е предвидено да се гради и сметаат дека така ќе се намали невработеноста кај населението, но остро се спротивставуваат на свињарската фарма. Велат дека ваквата состојба немало да се случи доколку при постапката на подготовка на стратешката оценка биле прашани и тие, а во пракса се работело само по сознанија од хартија.
Надлежната локална инспекција ги смирува селаните дека новата свињарска фарма нема да биде кочина туку таа ќе мора да ги исполнува законски потребните услови за добивање ,,Б,, еколошка дозвола.
Tweet |