Петар Печков
Објавено: петок, 04 декември 2020
Жителите на неготинските села Криволак и Пепелиште, реагираат по најавите дека неексплодираните гранати од Првата Светска војна, пронајдени во Битола, ќе бидат уништувани во наредниот период на полигонот Криволак. Нивната реакција била до Здружението на граѓани „Еко Вита“ од Неготино , кое во јавноста ја пренесе загриженоста на жителите од овие села.
Во сезона на огромна аерозагаденост уништувањето на 110 тони гранати ќе придонесе на дополнителна загаденост на воздухот во околината на Криволак. Ова е лозарски крај и кога ќе се уништуваа тие гранати, материјалот кога ќе се крене во воздух, ќе се разнесе по околината. Наместо носење на нови инвестиции во Неготино се носи опасен отпад, експлозивен материјал. Она што дополнително загрижува е составот на гранатите, кој е непознат и сомнителен. Согласно Архуската конвенција, кога се работи за заштита на животната средина, граѓаните мора да бидат информирани и вклучени во целиот процес, бидејќи овде се работи и за нивното основно фундаментално право, правото на здравје -пишува во писмената реакција од „Еко Вита“ Неготино.
Пронајдените гранати во Битола, поради безбедносни причини ќе бидат уништени после 15-ти декември на полигонот Криволак, најавија од ДЗС. Во текот на летото, месец јули, во неколку наврати, повеќе денови, пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување, на полигонот Криволак, уништуваа со години собрани неексплодирани средства. Истите биле чувани со години, несоодветно во простории, кои не задоволуваат безбедносни критериуми.
Tweet |