Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 март 2022
Жителите од стариот дел на градот, на ул. Прохор Пчински која води кон црквата Св. Спас се жалат на бројните дрски кражби. Тие се извршувале без оглед на делот од денот, почесто и дење отколку навечер, под заштита на мракот. Ова било случај на улицата во делот од кај Влашката црква па се до нејзиниот завршеток, до другата црква СВ. Спас.
„Се влегува во домовите, се крадат предмети од помала вредност, чевли, патики, прашок за перење, теписи. Било што само да се земе. Таму има повеќе возрасни жители, дел од нив се жени кои живеат сами. Каков стрес е да се види крадецот дома. Тоа што се краде е со мала вредност, но стресот е голем“ - велат соговорниците од оваа улица.
Посочуваат дека не смеело да се остави домот празен, без присуство на човек, оти веднаш нешто снемувало, бивало украдено. Многу пати се сретнувале лице во лице со крадците. Имало и опшетувања на автомобили, како и се краделе акумулатори. Сето ова ја намалува сигурноста и безбедноста на жителите на улицата. Тие за ова секогаш пријавувале до полиција, но велат дека кражбите продолжуваат.
„По улицата се вози без регистарски таблички, автомобили не регистрирани. Тие возат брзо и човек треба мошне внимателно да се движи по улиците“ - додаваат жителите од оваа улица.
Од СВР Велес на прашањето што преземаат за престанок на овие кражби информираа:
„Во однос на дрските кражби СВР Велес веќе има расветлено две дрски кражби и за истите по целосно документирање на случаите ќе следува соодветна пријава. Додека, во однос на сквернавењата на гробовите лоцирани во црквата „Свети Спас“ СВР Велес веќе има осомничено три лица и се работи на целосно расчистување“ - соопшти Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
Tweet |