речник контакт

Жителите немаат мирен сон

Земјата под Рамина пак се лизга и урива куќи.

Петар Печков

Повторно грижи и немирни соништа за жителите на велешката населба Рамина, откако свлечиштето деновиве се активира во долниот дел, во близина на црквата „Св. Богородица“. Земјата што се лизга уништи десетина нови куќи на улиците Благој Страчковски, Благој Кирков и Прохор Пчињски.

Луѓето се вознемирени и загрижени за своите домови и животи. Се\' уште не гледаат излез од оваа состојба.

- Седум години трае нашата мака и, наместо да биде подобро, станува се\' полошо. Што ако е изграден потпорен ѕид и дадени толку пари кога сега проблемот во долниот дел од свлечиштето нема кој да го реши. Куќите се оштетуваат и се уриваат. Не\' заборавија сите. Нема надеж за нас - вели Саво Мишков, жител на Рамина.

Искривени врати, напукнати прозорци, греди што служат како потпора за да не се урнат куќите се декор во најзагрозените објекти. Секој дожд е нова мора бидејќи земјата веќе не трпи влага. Поради лошото решение за одвод, потоци вода се слеваат од горниот дел на свлечиштето, што уште повеќе ја усложнува состојбата.

Жителите ноќе немаат мирен сон бидејќи слушаат како ѕидовите крцкаат и напукнуваат, а вратите поради оштетувањата не се затвораат. Затоа тие не сакаат да ги напуштат куќите, од страв да не бидат ограбени.

- Две години минаа откако заврши првата фаза од санацијата, а за втората не се најдоа пари во износ од 1,5 милион евра. Ниту државата ниту градот реагираат на нашата мака - луто велат луѓето.

Тие не се оптимисти дека ќе се најде решение. Пред десетина дена, при посетата на Велес, поранешниот министер за животна средина, Зоран Шапуриќ, кој беше координатор за решавање на свлечиштето, изјави дека е штета што нема континуитет во активностите, поради што може да се загрози и досега сработеното. Тој изрази жалење што не успеа да ја заврши втората фаза од санацијата на Рамина.

Стручњаците се категорични дека нема ново лизгање на земјиштето, туку дека постојното е резултат на растоварувањето на земјата во горниот дел и на водата што неконтролирано се влева во свлечиштето. Според нив, Рамина е формирана на поранешно фосилно смирено свлечиште, кое повторно се активирало пред седум години. За тој период се урнати стотина куќи, оштетени двојно повеќе, раселени над илјада лица, а земјата и натаму се лизга.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »