Петар Печков
Објавено: сабота, 30 јануари 2016
Маја Ангеловска-Панова потенцира дека богомилите имале високи социјално-етички норми. Тие за првпат почнуваат да ја третираат жената како рамноправен субјект во однос на мажот. Жената во рамките на нивните црковно-еретички општини имала можност да проповеда, во изворите се наведуваат жени-проповеднички. Но оние што биле од категоријата на совршените не смееле да раѓаат деца.
„Доколку постои некакво оправдување, тоа се должи на фактот што да се биде совршен било личен избор“, посочи нашата соговорничка и додаде дека „богомилите апстинирале од се' што е од животинско потекло, поради пацифизмот и верувањето во трансмиграцијата на душите. Како дел од нивното секојдневје била и интензивната контемплација, па во некои од изворите се споменува дека се молеле и по 40 пати на ден“.
Богомилите биле против богатството, против феудалците, против црковната хиерархија. „Многу од богомилските идеи се инкорпорирани во македонскиот фолклор, во приказните со дуалистички карактер, каде што главна тема е борбата меѓу Исус и Сатанаил. Ги има и во приказните за чесноста на свештените лица, во приказни со социјална димензија каде што се зборува дека за да се опстане, мора да се работи и на празници, во приказни каде што свештеникот му вели на верникот да пости, но тој самиот не се придржува до тоа“, вели таа.
Богомила го добило името по попот Богомил?
„Нема научни докази“, вели Ангеловска-Панова. „Една од претпоставките е дека селото го добило името според идеолошкиот творец попот Богомил. Но на последното теренско истражување, информаторите се произнесоа и со едно поинакво толкување во врска со етимологијата на името на селото. Имено, на пределот околу Богомила имало концентрирано повеќе села и одеднаш поради голем наплив на вода, жителите од околните села ’во гомила’ дошле токму во ова село. Оттаму името е Богомила“.
Tweet |