Петар Печков
Објавено: вторник, 05 јануари 2016
Во изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е отворена изложбата „Сведоштва за богомилите“ како резултат од теренското истражување во велешките селата: Богомила, Нежилово, Согле и Бистрица, реализирано во октомври 2014 година во рамките на проектот „Богомилското движење и богомилската книжевност“.
Истражувањето е дело на проф. д-р Маја Ангеловска-Панова, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја и проф. д-р Ерика Лазарова, од Бугарската академија на науките (БАН).
Истражувањето се базира главно на разговорите на соговорници, повозрасни луѓе од наведените четири села. „Тоа се интересни приказни кои ги знаат, паметат само постарите луѓе, а за жал се избледени од меморијата на помладите. Не е голем корпусот на преданија кои очекувавме да ги најдеме, но ова сепак е некоја основа за реконструирање на богомилството од аспект на фолклорот. Бидејќи многу богомилски идеи се инкорпорирани како во македонскиот фолклор така и пошироко на Балканот“, вели авторката на изложбата Ангеловска Панова.
И додава: „Освен теренското истражување кое го реализиравме, консултиравме и многу приказни што можеби се последица од сфаќањето на луѓето за доброто и злото. Интересен е феноменот како е инкорпорирано сето тоа и како луѓето ги гледаат богомилите. Некои ги гледаат како добри луѓе кои сакале да помогнат, некои пак ги идентификуваат како ’лошо племе’“. Ангеловска-Панова најави дека во иднина се планира теренско истражување за богомилите во Мариово.
Вера Стојчевска-Антиќ говореше за богомилството во македонската книжевност. Притоа таа истакна дека првиот историографски труд што се појавил во Македонија е „Богомилите“ од Коста Рацин, во 1939 година.
„Рацин, во својот искрен занес на борец за социјална и национална правда, за слобода и слободоумен цивилизаторски развој, иако честопати со засилен еуфоричен и романтичен патос, ги доловува најсуштинските постулати и заклучоци на богомилското дуалистичко, верско и еретичко движење, вкоренето и традиционално забележано во македонскиот народ“, речеСтојчевсак Антиќ .
Tweet |