речник контакт

За Законот за зелени пазари и Законот за сметководство

Реакции за две законски решенија кои корисниците не ги прифаќаат. Законот за пазарите не бил Владин, туку на група пратеници

Петар Печков

За Институционално дозволено нелегално работење, нефункционален закон што дозволува нелојална конкуренција од редовите на државната администрација и пензионерите вработени во десетина фирми, нефункционален институт и куп наметнати обврски без никакви права, се само дел од проблемите со кој  сметководителите  во државата се судруваат.

На трибината во Велес, Александра Андреева, сопственик на сметководствено биро, рече дека нејзината фела со години укажува на овие горливи прашања, но ниту една влада досега немала слух за нив. Укажа и дека повеќе од пет месеци чекаат на новиот закон кој долго се најавувал.

-Зборуваме за економија и за развој на стопанството, но за жал, како најважна спрега меѓу државата и стопанството сме заборавени. Во овој критичен период кога ги изготвуваме годишните сметки, се соочуваме со многу проблеми за кои сигнализираме со години наназад. Зборуваме за дигитализација, за подобрување на системите на УЈП, но јас сум жив сведок дека ние секое тримесечје не работиме по осум часа, туку по цели деноноќие. Се молиме во три по полноќ да профункционира системот за е-даноци за да можеме да ги пуштиме даночните пријави. Ако државните институции не не` почитуваат нас и нашето работно и слободно време со оглед дека УЈП го прологнира рокот два дена, а тоа се сабота и недела, денеска и утре, тогаш како ќе не почитуваат стопанствениците? Излез гледавме во новиот закон, но пет месеци ништо и наместо ние да го скроиме, тоа го прават консалтинг куќите кои имаат директен финансиски интерес - реагираше Андреева.  

Таа  најави протест пред Владата во вторник и изрази уверување дека премиерот Заев ќе ги прими претставниците од сметководствената дејност на разговор за заеднички да продискутираат и да изнајдат решенија.

Во врска со сметководителите Заев соопшти дека во понеделник во 16 часот ќе има состанок со дел од коморите и Министерството за финансии во врска со новиот закон. Ако се надминат, рече, отворените прашања кои се однесуваат на влијанието на државата врз здруженијата на сметководителите, законот веднаш ќе се пушти во владина процедура. Од друга страна, ги повика сметководителите во вторник кај него на разговор. Подготвен е, нагласи, да ги прими за да се изнајдат соодветни решенија.

Сакаме да им дадеме шанса и на сметководителите кои работат за странски фирми. Ако дојдете во вторник, бујрум, ќе закажеме состанок. Законот се дебатира повеќе од четири – пет месеци, најголем дел од работите се испеглани, остана уште прашањето: дали државата се наметнува да влијае врз здруженијата на сметководители и  коморите, а нашата намера не е таква, но не сакаме ниту приземни, скриени влијанија кои на долг рок ќе направат штета во вашето работење, објасни премиерот Зоран Заев.

На трибината „Силна економија- шанса за сите“ се јавија и пазарџиите. Побараа од вицепремиерот Кочо Анѓушев итно да ургира во Министерството за економија бидејќи проблемот, според нив  мора веднаш  да се реши.

Законот е неповолен за сите како за продавачите- пазарџиите така и за организаторите, а вкупно 25.000 семејства егзистираат само од зелените пазари.. Од друга страна, Министерството како да нема волја да го реши проблемот. Затоа апелираме вицепремиерот Анѓушев да ургира за веднаш да почне решавањето на овој проблем. Не да се пролонгира неговото донесување туку да се донесе нов  - истакна Љупче Лазевски, потпретседател на Групацијата за пазари во Стопанската комора и раководител на пазарите во Велес.

 Законот бил  донесен по барање на група пратеници, не бил подготвен од Владата и тој е грешка  и не нуди решение за ниту една страна, смета Анѓушев. 

Постигнат е договор, законот за пазарите ќе се одложи и сите субјекти во делот на пазарите ќе кажат што мислат. Треба да ги слушнеме пазарџиите. Не може една комора да дава лиценци. Нека има конкурентност, а не монопол. Има уште две комори покрај постојната, ќе добијат и тие лиценци. Може некој без пари ќе ги дава лиценците, може некој со 20 отсто, зависи колку се трошоците. Сакаме да им помогнеме на пазарџиите, секој да вади леб, да има соодветни, минимални цени за лиценците, добро да биде регулирано. Зошто да не продаваа пензионер, има два декара земја нека сади нека продава, нека заработува дополнително. Кога може водоинсталатерот по работно време да поправа дома кај мене, зошто не и пензионерот - рече  премиерот Заев.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »