Петар Печков
Објавено: сабота, 05 ноември 2022
Секоја песна си има своја приказна, свој животен пат. Велешката традиционална песна „На Којник дуќан да имам“ е добро позната, пеана, обнародена. А приказната за Петрета Витнчето, каде оделе сите млади моми на аргатлак, ја раскажа неговиот правнук Ѓорѓи Минов.
Тој е син на едно од децата на Петре Минов- витанчето. Прекарот Петре го добил оти потекнувал од селото Витанци, кое се наоѓа на патот кон село Војница, како попозанто од овој дел на велешко. Или на патот кон село Оравоец. Приказната за Петрета Витанчето, каде работеле сите моми убави е изворна од неговиот правнук.
„Петре Минов е роден 1869 година во Велес. Потекнува од работничко- земјоделска фамилија која тогаш имала голем посед на земја во де села Скачинци и Витанци. Одгледале претежно афион и сончоглед. Тој како нај способен ја презел работат од неговите родители и таа добро му одела. Како резултат на тоа на Којник Петре отвора работилница шарлаганџилница, за преработка на сончогледот и афионот во масло. Истото го дистрибуирал со гемии, сплавови, по реката Вардар до Солун“- раскажува Ѓорѓи.
Работата добро му одела на Петре и тој бил познат меѓу велешани. Шарлаганџилницата произведувала шарлаган.
„По кажувањето на дедо ми Ѓорѓи, кај нив работеле 30 момци, кои биле доста шеговити, мајтапчии но и надарени песнопојци. Еден од нив ја составил и опеал оваа песна. Бидејќи добро плаќал можел да избира кого ќе земе да работи, па земал помлади девојки. Додека вториот лик во песната Јован на Спасеви бил сосед на имотот, тој не можел добро да ги плаќа аргатите, кај него иделе повозрасни жени. Еден од момците кои работеле кај Петре, тоа го препеал, песната бил прифатена и заживеала кај народот“ - додава Ѓорѓи.
Во тоа време во Велес, постоело и работело музичкото друштво ГРОМ, каде се свирело на жичани инструменти, гитари, мандолини, примови. Таму членувале и подоцна истакнатите македонски музички дејци Стефан Гајдов и Живко Фирфов, кои ја доработиле песната „На Којник дуќан да имам“. Песната како општо прифатена помогнал и познатиот велешки музичар Ало Тончов, кој ја пеел по свадби и веселби.
Во однос на приватниот живот на Петре Минов, тој во 1899 се жени со Васа од познатото велешко семејство Киркови. Свадбата била ан 10 октомври 1899 година. Добиваат три женски деца, кои бргу умираaт. Се раѓаат и два сина Мино (1901 год) , Ѓорги(1904 год) чиј внук е Ѓорѓи, кој ја раскажува семејната приказна. Семејната куќа на Минови била близу до денешниот Хотел Интернационал а први соседи им била фамилијата Тоткови.
Во 1909 починува сопругата Васа,а Петре во 1920 се жени со штипјанката Љуба Со неа има две деца Анде и Султана. Петре Минов умира во 1927 година. Неговите две деца Анде и Султана биле скоевци, учеле Гимназија каде и денес се на тамошното табло. Тие загинуваат трагично, пролетта 1941 на куќниот праг, при бомбардирањето на Велес во април.
Што ми е мило ем драго, оф аман,
што ми е мило ем драго,
на Којник дуќан да имам, аман, аман,
на Којник дуќан да имам.
Којнички моми да гледам, оф аман,
којнички моми да гледам,
којнички ем бузанчанки, аман, аман,
којнички ем бузанчанки.
Кога ми одат на афион, оф аман,
кога ми одат на афион,
у Петрета Витанчето, аман, аман,
у Јована на Спасеви.
На Петрета аргатите, оф аман,
сè млади моми убави,
на Јована аргатите, аман, аман,
сè стари баби без заби.
Tweet |