речник контакт

За Прочка и простувањето

Како на времето се одбележувала Прочка во Велес

Петар Печков

Прочка претставува голем празник  и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка.

И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките.Притоа секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост.

Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „„простено да ти е од мене и од Бога“. Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници. Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето.

Прочка во Велес

После идеше Прочката... Прочката денот не го сменуе, датото го сменуе. Обично во недела. На Прочка ќе правиме сурати, ќе се преправаме... и ќ’одиме од куќа на куќа... и ќ’играме, и това обавезно по дванајсе души одевме: момче, невеста,  баба, дедо, ѓавол, доктор, благар, се си имаше називи. И како сватови, нели... и одеме од куќа на куќа... и ни даваа блакце и  париче. Една година одевме шо одевме по куќите... и благарот шо беше Тасе Спасев, Пешо – презиме... и коа дојдовме кај Карастојанови, испаѓаме откај Карастојанови и викаме: „Дај да видиме колку благо собравме!“... Коа ќе видиме, у кошничето нема ништо. Тоше го изел благото... и ајде ќотекот...

А на Прочка обавезно, ја, како младоженец, со мустаќи ќе ми направат, сето тоа, облечен, сестра ми ќе се направи како невеста и одеевме по роднините. Това одеевме докај двата саатот, откај десетте докај двата саатот и си се прибиравме дома. После постарите одеа, па кај постари луѓе на бакни-рака, на проштевање. Таа традиција е сочувана до ден-денеска. (Јордан Таќев, 1934)

Прочкари одеа ли? Одеа- сме се преправале, кое невестиче, кое машко така, сме оделе кај поблиските, па и некое париче коа ќе паднело па, колку сме биле радосни...  Па тие, повозрасните, обавезно со протокал за жената, а за мажот – лимоњ. Се сеќавам, мајка ми, откоа ќе завршеле гостите, отприлика знаела кои повеќе ќе дојдат ... и после ќе земеше... кај татка и ќе претрчаше, ќе отидеше да... да се прости. (Магдалена Нешова, 1937)

На прочка се одело порано? Се одело преправени жените, ние на пример, имам јас и слики, преправени поручокта сме оделе, а сабајле машките. И поминуала у Велес, сеа кој бил како, коа сум била мала, мртовечка глава кол некој преправен е тогај ногу ме страеше мене... Сме испаднале надвор, ќе мине мртовечка ли, корска глава ли не знам сеа, тоа препраено високо и се сме бегале од тоа. Женските у невеста, у баба, така преправени... (Султана Здравкин, 1933)

Друг случај кога се собираа они беше на прочка, кога се амкаше кога се ставаше на... да висе горе, закачено на таванот со закачок, па се ставеше чушка, се ставаа друго, али и алва – онаа бела алва. Е тогај за белата алва сите се бореа да ја лапнат... Али не смее со раци да се фаќа, само со устата, така да, често пати децава сакале да ја фатат со рака и ќе не удрат по рака... Тоа беше интересни случаеви кога се среќаваа овоа родниниве во нашата куќа, нели... И тоа ми останало во впечаток, мислам дека беше интересен и најубав впечаток од сите времиња коо дете шо сум била... (Бојанка Андонова, 1918)

Од книгата „Така се зборува во Велес“ од Снежана Петрова – 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »