речник контакт

За велешката легенда Љубе Џипунот

,,Бифе Саат,, и лепињата со кајмак останаа запомнати кај велешани. Од дурмаџија до кафанџија...

Петар Печков

 ,,На пет-шест годишна возраст се изгубив, откако излегов од дома, и сум заминала кон Бензинска кај Штипско џаде. Таму некој човек ме сопре ме праша која сум, каде одам, кажав дека се изгубив и дека сум ќерка на Љубе Џипун. Тој ме зеде за рака и ме однесе кај татко ми во кафеаната. Тогаш сфатив дека него го познава скоро цел град, дека е толку популарен и омилен меѓу велешани,,.

Вака ги започна разкажувањето на животната приказна за Љубе Џипунов, можеби ќе биде силно, ама најпознатиот велешки кафеанџија, неговата  постара ќерка Каролина. А дека  станува збор за популарен велешанец меѓу неговите сограѓани, зборува и момент од неговото  последно испраќање,од погребот кое ми го раскажа познатата македонска балерина Емилија Џупунова, негова прва братучетка.

На погребот на Љубе имаше многу народ на гробиштата од црквата Св. Пантелејмон. И кога дојде до последното простување, свештеникот кој го изврши погребот рече нешто, што најдобро зборува каков човек беше Љубе. Попот пред масата народ кажа ,,По тебе Љубе најмногу ќе тагуваат сиромашните, оти секогаш  кај тебе имаше парче леб за нив,,.  Ете таков беше Љубе, народен човек, добродетел – вели Емилија.

Нејзиниот татко и таткото на Љубе биле браќа. А животниот пат на Љубе Џипун интересен, непредвидлив, богат со многу случки, кои велешани до денес ги раскажуваат, толку години по неговата смрт. А дека тој бил  име во градот сведочи музичарот Димче Бегинов, кој со колегите од  групата Кактус  десетина години свиреле во локалот.   

Џипунот и неговиот ресторан беа институција во Велес.  Дали беше понеделник,  дали петок, било кој ден од неделата, се чекаше на ред за да се влезе, ресторанот  постојано беше полн.  Откако почина, други  го работеа, по неговата смрт таа слика никогаш не се повтори.  Тој беше голем шегобиец, ама не  му беше сеедно ако некој се пошегува на негова сметка. Морам да ја раскажам епизодата дека  кај него свиреа и легендарните  Бијело Дугме,,. Не знам дали друг  пат настапиле во кафеана, ама тука во Велес, кај Џипунот да. Беше тоа зимата 1985-та имаа турнеја, со Тифа  како пејач, свиреа во салата во Велес, дали беше јануари - февруари. Џаро ги донесе кај Љубе на вечера и на нивно навалување, групата  испеаја две песни. Ама почнаа пијани гости да бараат желби и Бреговиќ се разлути и толку од  настапот. Но тоа  остана запаметено - вели Димче Бегинот.  

Почетоци на Љубе не биле со угостителството, иако неговиот татко Димко  бил познат кафанџија. Љубе почнал како столар.

Првиот занет на татко ми беше дурмаџија. Изработуваше намештај и  столарија за велешани, заедно со негов пријател. Работеа  со Миџо Рамче. Имаше дуќан близу пазариште, каде беше Импресот. Работел долго време, потоа за кратко отишол во државна работа, пак како столар во Браќа Каракостеви. Изработувал мебел, дрвенарија. Не му се бендисала работата и се одлучил да отвори кафана. И неговиот татко бил кафанџија па и тој да проба. Првата кафана му беше на местото каде беше дуќанот, и се викаше ,,Брегалница,, . Тоа беше меана или на – се присетува  ќерката Каролина.

Тука работел неколку години, работата се проширила, сопствениците решиле да го рушат анот  и Љубе  земал место  под кирија, кај Градскиот саат. Така кафената и го добила името  ,,Бифе Саат,,. 

Во овој период  татко ми започна да прави лепиње со пелскаица и кајмак. Тоа беше многу популарно и барано. А во кафеана доаѓаа семејни луѓе. Едни стануваа други веднаш седнуваа. Така беше, празна маса и столче немаше, се чекаше на ред .  Тој сам ја правеше скарата. Не оти ми е татко ама неговите плесаквици уште ги памтат велешани и сите негови гости. Му помагаше тетка Деница  а месо купуваше од  касапот Итата потоа од Лијата, од друг не. Сакаше да ја прошири кафеаната, ама тоа било вакавско место, од поранешна џамија и не му дадоа да ја гради, да ја легализира и мораше да си замине. Отвори на влезот во Велес, кај Башино село – додава Каролина, додека помладата ќерка  Магда живее во Германија.  

Џипунот беше поим, име  за Велес. Купил место, лозје од 4,8 декара место кое морал да го уреди за да изгради негова, нова кафеана.  На новата локација уште поголем интерес за неговите  специјалитети. 

Толку гужва имаше што мораше да откажува свадби, за да може да работи. Луѓето сакаа овие радости да ги прават во нашата кафаена, ама татко ми одбиваше, бидејќи  имаше толку гости кои требаше да ги враќа. Иако во градот имаше многу кафеани,  една беше на Љубе Џипун, сите кај него сакаа да јадат. Татко ми за разлика од други кафанџии одеше по други кафеани, не се срамеше. И треба да се знае дека повеќето келнери што работеа кај него, потоа станаа газди. Имињата си ги знаат велешани. Татко ми за да го купи местото за кафеаната  зема кредит од банка и денес ги чувам документите. Тој работеше чесно, немаше лага со него. На никого не му остана должен   – вели Каролина.

Тие што го познаваат Љубе велат дека бил еснаф, работлив човек, голем боем,  желен за забава, живот, песна. Тој знаел често да го фати микрофонот и да пее. Добар за народот, не бил завидлив, знаел да се шегува, да се дружи.  Но кај и да бил, ручал дома и секогаш барал да има супа на менито, се друго не морало, ама супа задолжително.

 Патем братот на Љубе, Ангел  бил исто кафеанџија го држел познатиот ,,Ловец,, додека братучед  му Јосиф долги години бил директор на Хотелот ,,Интернационал,,.   Таткото на Љубе, Димко работел во  кафеаната на местото каде беше библиотека во Свиларската зграда во центар, тогаш се викала ,,Атина,,.  По желба на ќерките, сниман е  погребот на татко им, кој починал на 59 годишна возраст.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »