Петар Печков
Објавено: вторник, 05 декември 2017
За да има повеќе туристи во една земја, основно е таа да има мир и стабилност. Ова им го кажа францускиот амбасадор во Македонија Кристиан Тимоние, на денешната Меѓународна конференција „Европски искуства за развој на туризмот,, , која се одржа во Велес. На неа гости беа од француската област Алзас.
Прво и најважно да се привлечат туристите, земјата да биде стабилна и да дава мир и спокојство. Потоа е значајно да се знае да се истакнат сите богатства кој ги има земјата. Потоа напредок на состојбата со животната средина, но и од пречекот на туристите. Ние како амбасада работиме на ова, бидејќи студија покажа дека постојат сите сегменти за туризмот, но мора подобро да се вклопат – рече Кристиан Тимоние Францускиот амбасадор во Македонија.
Како дел од француската делегација која престојува во Велес, свои излагања пред присутните имаа Пјер Рошем заменик – директор на Агенцијата за развој на туризмот на Долна Рајна и Катрин Гресбек експерт за рурален туризам од регионот Алзас .
Според бројките на Државниот завод за статистика во првите девет месеци годинава во Македонија дошле 6.657 Французи кои оствариле 13.270 ноќевања. Тоа е повеќе од лани кога имало 12.759 ноќевања од 6.231 посетители, но далеку од 2015-та со 17.284 ноќевања од 7.603 гости од Франција.
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски и претседател на Вардарски Плански регион, изрази надеж дека Французите ќе бидат почести гости во Повардарјето, на винските рути, во руралните средини, но и во Велес.
Убаво е кога можеме да слушнеме искуства, знаења од Република Франција која има огромен број на туристи и што треба ние во Македонија да сториме за да го развиваме туризмот, пред се винскиот и руралниот. И да знаеме како даги искористиме капацитетите и природните реткости и убавини кои не недостигаат - рече Коцевски.
Лани во Велес дошле 88 Французи како гости и оствариле 158 ноќевања. Во Вардарски регион во 2015-та имало 228 посетители до Франција со 436 ноќевања, додека лани бројката е помала 137 гости со 181 ноќевање.
Tweet |