Петар Печков
Објавено: сабота, 10 март 2018
За два часа на неколку локации во Велес, се собраа 140 м3 смет. Ова беше во рамките на еколошката акција ,,Не валкај, разубави ден. За Велес,,, организирана прв пат годинава. Во неа учествуваа околу 200 лица од општинската администрација, од ЈКП Дервен, од средните и основни училишта во градот, пожарникарите, вработени во Центарот за управување со кризи, подмладокот на Црвениот крст од градов.
Градот е исклучително нечист. Не е убаво и се срамам да кажам, дека сум градоначалник на град кој е толку нечист и затоа ја организиравме оваа прва пролетна еко акција на чистење на Велес. Акцијата ја оценувам како мошен успешна, иако со жал констатирам дека учеството на граѓаните беше мало, иако го чистевме нивниот смет, кој некој од нив го оставил. Затоа ќе мораме да работиме на подигање на свеста уште од мали нозе на децата од градинките од основните и средните училишта. Комиуналните редари ќе мораат да работат, прво со предупредување а потоа со казнување на граѓаните и институциите, кои не го почитуваат градскиот комунален ред - рече градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Наспроти поголемиот број граѓани кои покажаа дека немаат граѓанска одговорност ниту свест за сопствената животна средина, светла точка на акцијата беа група граѓани кои самоиницијативно го чистеа сметот помеѓу улиците „Крсте Мисирков“ и „Андон Шурков“ како и претставницитте на Општинската организација на Црвениот крст и граѓанските организации „Грин Пауер“, „Вила Зора“ и „Фокус“.
На акцијата особена посветеност покажаа членовите на „Грин пауер“ и велешките планинари кои ги исчистија медицинскиот отпад на брегот помеѓу инфективното одделение на болницата и ОУ „Блаже Конески“. Таму велешките екологисти и планинари собраа 15 вреќи медицински отпад, со шприцеви и игли од зависници.
Коцевски одговори и на реакциите на дел од граѓаните, кои не се согласуваат со ваква акција, оти сметаат дека велешките комуналци се платени од велешани да го чистат сметот а не граѓаните да ја вршат нивната работа.
Морам да признаам кога станав градоначалник, состојбите во ЈКП Дервен, посебно во комунална хигиена, беа на ниско ниво, и со работна сила и со механизација. Работите се менуваат на подобро, но не се така како што треба. Градот е премногу нечист, за да може вработените сами да го исчистат. Затоа сметав дека е потребна една ваква масовна акција и потоа да го предадеме на ЈКП Дервен градот исчистен, за тие да се грижат за чистотата. Вакви акции ќе се организираат и наесен и секоја наредна пролет. Посакувам тогаш да учествуваат што повеќе граѓани - додаде Коцевски.
Се чистеше на три локации во Велес, ул. Димко Најдов од Долни дуќани кон манастирот Св. Димитрија, битолска железничка пруга кај населба Керамидна и на Градски стадион.
Tweet |