Петар Печков
Објавено: вторник, 15 јануари 2013
Двајца велешани добија по осум месеци затвор затоа што краделе опрема на железницата. Милан Николов и Симе Панов се прогласени за виновни за кривичното дело тешка кражба. Тие на 4 март 2011 година во вечерните часови во атар на село Бистрица Општина Чашка украле железнички сообраќаен знак и шина. На крстосницата на железничката пруга Велес - Богомила - Битола ја загрозиле безбедноста во сообраќајот со отстранување на сообраќајни знаци и предизвикале опасност за животот и телото на луѓето.
Двајцата откопале два сообраќајни железнички знаци „Андреев крст“ и „задолжително запирање и вкрстување со патен правец со железничка пруга“ како и шина во должина од 2,60 метри . По ова ги товариле шината и знаците во автомобил Лада. При извршена контрола на велешката полиција во автомобилот биле пронајдени сообраќајните знаци и шината, кои им биле одземени. Основниот суд во Велес на Николов и Панов за оваа тешка кражба, им изрече казна затвор во траење од по осум месеци.
Штетите направени од кражби во 2011 година во МЖ достигнаа вредност од 403.000 евра, додека во 2012 година 193.000 евра. Поради честите кражби на опремата од железницата таа воведе систем за видео надзор на пругата по должината на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија.
Tweet |