речник контакт

За најкратката и најдолгата велешка улица

Најкратка Партизанска, најдолга Благој Ѓорев

Петар Печков

Градот Велес на листата има околу 200  улици. Дел од нив пократки, дел подолги, некои со асфалт, други со бехатон плочки, трети земјани, со опеаната  калдрма повеќе нема,. Во зависност која во кој дел од градот е, дали во центар или на периферија, таква е улицата.

 ТРМР истражуваше која е најкратката а која е најдолга велешка улица. Ги провери улиците и се консултираше со стручни лица од локалната власт  но и поштарите. Така најкратка е улицата Партизанска, која е во близина на некогашниот Хотел Вила Зора,  и до  Автобуската и има приклучок на улица Димитар Влахов. Не е подолга  од 20-тина метри.

Во градот има повеќе улица кои се во конкуренција по нивната должина. Сите заедно немаат повеќе од едно фудбалско игралиште. Но најкратка е улицата Партизанска. Тука некаде се  и улицата Цар Самоил, улицата Христо Узунов, улицата  Горна Џумаја.  Ако човек се прошета по нив нема ниту нога да го заболе од одење, ниту да се изнашета - вели Костадин Настовски  до пред некој месец раководител на одделението за урбанизам во Општина Велес.

Тој ги знае сите градски улици бидејќи мораше да биде во тек со  нивната состојба. И сите 200 ги има минато безброј пати, се со цел задоволни граѓани.   Овие  кратки  улици се долги колку минувачот  да земе здив и додека се завртел   лево, десно, патувањето завршило. Жителите на  Партизанска, не знаат ама  претпоставуваат  дека  улицата им е најкратката во Велес. 

Во улицата се четири куќи,три се полни живеат во нив, една е празна. Претпоставувам дека ова е најкратката  улица во градот. Се знаеме сите, малку само да ја средат општинариве, без оглед што е толку кратка да заличи малку. Тивка е, мирна, блиску до главната - вели    Љупче  Секов кој живее тука две години и е најновиот и најмлад  станар во неа. 

Живеев на оваа улица, тука тутун нижевме, фудбал игравме како деца. Сега се префрлив на главната погоре. Повеќето од станарите, постарите починаа. Имавме убав живот за оваа улица. Убеден сум дека е најкратка - вели Слава Анастасов поранешен сосед,кој се преселил десетина метри  погоре.  

Наспроти Партизанска,   стотина пати  подолга е улицата Благој Ѓорев од центар до населба Превалец.  

Оваа улица е  најдолга. Грешат тие што мислат дека е најдолга е  Вера  Цири Вири, или Белградска. Треба да  се земе предвид и Алексо Демниевски Бауман од Пошта до Колска, оваа улица  има должина за респект.  Треба локалната власт да се одлучи до каде е Вардарска, ако е од крстосницата кај Базенот па  до Дине Вулканизерот тогаш е таа најдолга, но нема таква општинска одлука иако фирмите од таму се водат на оваа адреса -вели  велешки поштар кој  минувајќи ги улиците најдобро знае која каква должина има.  

Велес поради местоположбата, што низ него мине железничката пруга Белград  Солун, има три улица кои имаат само лев или десен низ  од куќи.   Тоа се Димче Мирчев од железничкиот премин кај Дворови, потоа Ѓоре Органџиев во месноста Дворови и Ангелко Палашев  над скривниците кај Долни Дуќани. Кај овие улици не важи правилото парните броеви десно, непарните лево. Овде сите броеви се во низа, редум.  

Интересна е и улицата Св. Климент Охридски која започнува близу Вардар а завршува близу Вршник и таа е најстрмната во градот.  Така местоположбата на градот и конфигурацијата на теренот создале многу интересни велешки улички и секоја носи со себе животна приказна. 

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »