Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 август 2017
Општинската организација на СДСМ Велес реагираше на новите вработувања во локалната власт и ЈКП Дервен, кои се случиле деновиве.
По распишување на локалните избори, спротивно на законот, во општина Велес вработија 10 лица, а во ЈКП Дервен вработија 20 лица на определено време преку агенции за времени вработувања. Во овој момент општина Велес има повеќе од 100 редовно вработени и 47 вработени на определено време. Тоа е за три пати повеќе споредено со бројот на вработени кога општина Велес беше предводена од кадри на СДСМ и кога беше најдобра општина во Македонија. Во ЈКП Дервен состојбата е повеќе од загрижувачка. Вкупниот број на вработени од 230 е двојно зголемен. Народски кажано, парите кои се слеваат во буџетот на општината и во ЈКП Дервен наместо да се трошат за изградба на улици, тротоари, паркинзи, водоводи, канализации, мостови, затворен пазар, училишта, детски градинки, за социјална помош, за набавка на современи нови возила за собирање на комуналниот отпад и за други проекти што ќе го подобрат животот на граѓаните, за жал се трошат за плати на непотребно вработени партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ.Во прашање се огромни суми на пари, над 300 милиони денари или над 5 милони евра за последните четири и пол години. Тоа е премногу дури и за нај богатите општини. Затоа, почитувани сограѓани не се чудете зошто толку малку е направено. Вашите пари се трошени ненаменски, недомаќински и неодговорно – изјави Весна Богоевска портпарол на ОО на СДСМ Велес.
Со писмено соопштение одговорија од Општина Велес. За нив ова е нервоза и паника која ги зафатила социјалдемократите пред локалните избори.
Стравот од уште еден изборен пораз во низа ги прави очајнички да одржуваат прес конференции на кои не кажуваат ниту една вистина, туку со манипулации и извртување на фактите се обидуваат да дојдат до политички поени. Рекордниот број на над 370 реализирани проекти од инфраструктурата, економијата, културата, спортот во овој 4-годишен мандат на Градоначалникот Чадиев ги прави дополнително уште по нервозни. Господа од СДС бидејќи информациите и податоците не ви се точни сакаме да Ве информираме дека во Општина Велес, нема 10 ниту 20 нововработени, туку нови вработувања се седум, додека тројца од тие кои што ги наведувате се лица кои само волонтираат. Новите лица се вработени согласно планот за вработување кој е донесен на Советот на Општина Велес и тие ќе придонесат за навремени брзи и точни услуги за граѓаните, за реномето на општината и за високиот стандард во работењето. Сакаме јавно да ги повикаме луѓето од СДС доколку мислат дека е прекршен законот нека покажат кој член и во кои случаи е прекршен, наместо паушално да обвинуваат. Општина Велес работи исклучиво по закон и пропис. Така било досега, така ќе биде и понатаму. Наместо да се занимавате со вработувањата во општината, подобро погледнете што се случува во институциите кои ги превземаа кадрите на СДС, Нека видат што се случува со вработените таму и стотиците решенија кои деновиве се делат за прераспеределба на работните места – пишува во соопштение од Општина Велес.
Tweet |