Петар Печков
Објавено: среда, 14 февруари 2024
Владата одлучи годинава финансиски да ги поддржи одгледувачите на сончоглед. Ова доаѓа откако лани поради лошите временски услови да имаше мал род, па земјоделците бараат помош од државата.
„Финансиска поддршка за сончоглед предаден во регистрирани капацитети за откуп, директно или преку еден откупувач. Предвидено е земјоделските стопанства да се поддржат со 5 денари по килограм за предаден сончоглед кај регистрирани откупувачи“- соопштија од Владата.
Поради лошото време, дождот во периодот на сеење, сушата во периодот на зреење, приносот беше низок, по 1.200 тони од хектар, што споредено со претходната е значително намален. Исто така и цената беше пониска од 2022 година, па земјоделците се доведоа во ситуација да размислуваат дали да продолжат одгледување на сончогледот.
Директорот на „Кристал 1923“ Горанчо Лазов им даде поддршка на земјоделските производители. Тој ја потенцираше важноста од поддршката на државата за оваа индустриска култура и земјоделците кои се кооперанти на компанијата.
Финансиската помош која ќе ја добиваат земјоделците за сончогледот, е преку отворена програма којашто може да креира мерки за поддршка на секој еден земјоделец, секогаш кога ќе се појави потреба од тоа.
Во Програмата, во моментов, се креирани две мерки за поддршка на земјоделците. Другата е финансиска поддршка за откупено винско грозје и произведено од сопствен насад од страна на регистрирани производители на вино кои истовремено се регистрирани откупувачи на винско грозје и го преработиле во сопствените капацитети за производство на вино. Предвидено е поддршката да изнесува 1 денар по килограм откупено винско грозје како и произведено од сопствен насад од реколта 2023 година, со максимален износ по корисник за оваа подмерка е шест милиони денари.
Tweet |