Петар Печков
Објавено: среда, 22 јули 2020
Најдоцна за седум -осум месеци жителите на Бузалково и Раштани ќе добијат квалитетна вода за пиење од градскиот водоснабдителен систем. Ова е најава која денес ја кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски кој беше на увид на градежните работи, заедно со градоначалникот Аце Коцевски.
Проектот е од огромно значење за околу 1.600 жители на Рашани и Бузалково, особено ако земе во предвид дека жителите на Бузалково досега немале водовод, а додека во Раштани водоснабдувањето иако било делумно решено, квалитетот на водата не бил на посакувано ниво. Верувам дека изведбата ќе биде порано од планираните осум месеци - изјави министерот Сугаревски.
Вкупната должина на цевководот изнесува 10 км , износот за инвестицијата е 30 милиони денари, средства добиени преку Министерство за транспорт и врски, односно преку проектот ‘Водоснабдување и одведување на отпадни води’, преку Европската инвестициона банка”.
Со поврзувањето на Бузалково и Раштани, на градската водоводна мрежа, вековно ќе биде решен проблемот со питка вода за овие граѓани. Треба да се изградат и две препумпни станици, бидејќи котата над селото Бузалково и селото Раштани е повисока од котата на филтерната станица на ЈКП Дервен, затоа водата мора да се премпумпува. Предвидени е и градежни зафати на рехабилитација на постојните резервоари за вода и во двете села , за да ја примат новата количина на вода. Така ќе го подобриме квалитетот на животот на луѓето во овие две места - изјави градоначалникот Коцевски.
Одговарајќи на прашањето на ТрМр, што ќе направат за да не се повторува ситуацијата како во Горно Оризари и Караслари, каде водата некои од жителите кои немаат водомери или плаќаат паушал, ја користат за полевање на земјоделски површини а други немаат вода за пиење, Коцевски рече:
Имаме доволно искуство, има голем број граѓани кои се однесуваат несовесно и користат огромни количини вода а плаќаат малку. Ќе поставиме контролни водомери за да видиме колку вода влегува во местото а потоа колку се фактурира. Некои за жал имаат и диви приклучоци, затоа ќе застанеме на пат на граѓаните кои трошат вода а не плаќаат - додаде Коцевски.
Министерот Сугарески дополни дека работат на реконструкција на водоводи и канализации на 12 улици во град Велес, со што квалитетно ги подобруваат комуналните услови во градот. преку Министерството за транспорт и врски за општина Велес обезбедени биле 1,2 милиони евра за санација и реконструкција на локални патишта и улици.
Нашата цел од самиот почеток беше да ја унапредиме целокупната инфраструктура, со цел да ги подобриме условите за животот во сите населени места во урбаните, но пред се руралните средини - изјави Сугаревски.
Tweet |