Петар Печков
Објавено: сабота, 31 јули 2021
На концертот кој во петокот го одржа дуото Ташева – Настовски, во рамките на „Културно лето 2021“ за првпат на музичката сцена во родниот Велес беше изведено делото на композиторот Томислав Зографски „Сонатина за две пијана“ оп. 142. Присутната публика беше воодушевена од настапот и ги награди со долг и силен аплауз.
„Композитор Томислав Зографски е роден велешанец, чие дело за првпат се изведува на велешка музичка сцена. Многу интересна композиција е и задоволство ни беше додека работевме. На почетокот ни беше малку интересна, но после како на неа се развиваше работата ние се поубаво и поубаво ја доживувавме- осознававме“ вели проф. м-р Ташева, која заедно со проф. Илија Настовски настапија во салата Бели Мугри. Тие двајцата се професори во велешкото основно музичко училиште „Стефан Гајдов“.
На нивниот дуо концерт на програмата настапија со дела од македонски автори и познати светски класици. Концертот започна со „Мала ноќна музика“ од Моцарт продолжи со „Словенски танци“ од Дворжак, а од Брамс со „Валцери за две пијана“ оп.39. Сметаат дека љубителите на класичната музика од страна на организаторот недоволно се информирани за одделни музички настапи и концерти во градот.
„Има интерес кај публиката да слушне вакви концерти и таа доаѓа. Велес е град во кој има и млади и повозрасни музичари кои сакаат да настапуваат, но за жал немаат каде да музицираат и настапат за да стекнат искуство. Сметам дека на градот му е потребна концертна сала и еден -два добри концертни клавири, овој клавир на кој настапуваме од марката SEILER e за жал единствениот добар клавир во градот, а на кој може да се има концерт, но тоа не е доволно за град како Велес. Во некои институции во градот има уште неколку клавири, но за жал тие не се во добра состојба за музицирање, бидејќи не се во наша надлежност и недоволно се одржуваат“ - вели проф. Ташева .
„Изведувањето на ова дело на мојот сопруг премиерно во неговиот роден Велес за мене е многу значајно и јас сум многу среќна. Делото беше одамна напишано, но обновувано последните години од неговиот живот, последното лето во 1999 година пред да почине во 2000 година. Секогаш кога ќе ја слушнам „Сонатина за две пијана“ оп.142 ми е многу драго и уживам, а бидејќи и на Томислав му беше многу драга. Овде на музичката сцена во Велес ми е драго повеќекратно- прво многу ги почитувам пијанистите кои ја изведоа бидејќи ги знам одамна и второ затоа што Велес е роден град на мојот сопруг Томислав, иако тој потоа пораснал во Скопје“ - кажа Зографска Беличанец, сопруга на композиторот Томислав Зографски.
Tweet |