речник контакт

За ракот на белите дробови

Што е рак на бели дробови? Ризик фактори за рак на бели дробови, cимптоми на рак на бели дробови

Петар Печков

Ноември е месец во кој зборуваме, како за ракот на простата, така и за ракот на панкреас и ракот на белите дробови. Овие болести, почеста инциденца имаат кај припадниците на машкиот пол, иако се јавуваат и кај жени.

Ракот на белите дробови е водечката причина за смрт од малигни заболувања во светот, многу тешка и сериозна состојба, која за жал има многу мала шанса да се победи. Повеќе жално од самата состојба е што оваа болест најчесто се јавува како последица од пушењето, околу 50% од смртноста од рак на бели дробови кај жените е последица од пушењето, а дури 70% кај мажите, а пушењето е една штетна навика без која светот би бил многу подобро место за живеење. Кај ракот на панкреасот пак, пушењето придонесува за околу 20% од смртноста од истата болест, а лицата кои пушат имаат 80% поголем ризик за развивање на рак на панкреас во однос на непушачите.

       Што е рак на бели дробови?
Ракот на бели дробови е присуство на малигна неоплазма која ги зафаќа самите бели дробови. Постојат повеќе типови на рак на бели дробови, и според типот на клетки кои ја градат малигната неоплазма се делат на тумори на ситни и тумори на крупни клетки. Најчести од сите се од оние на крупни клетки, а од нив најзастапени се аденокарциномите. Неоплазмите на ситни клетки може да се јават поединечно или во мешавина со малигни крупни клетки. Оваа неоплазма многу често метастазира и поради тешкотиите за нејзината рана детекција, кога се открива, најчесто има веќе и присуство на метастази.

       Ризик фактори за рак на бели дробови:
-Пушење – Најглавен и најсериозен ризик фактор за развивање на оваа болест. Што поголема количина на цигари испушено и подолг пушачки стаж, толку е поголем ризикот за развивање на рак на белите дробови.
-Пасивно пушење – Бројни истражувања покажуваат зголемен ризик за развивање на рак на бели дробови кај лицата кои се изложени на пасивно пушење, речиси со иста сериозност како и кај самите пушачи.
-Фамилијарна историја – Позитивна фамилијарна анамнеза за присуство на рак на бели дробови во една фамилија, го зголемуваат ризикот за појавување на оваа болест кај овие лица.
-Изложеност на штетни супстанци – Супстанци како радон, азбест, хром, никел и други канцерогени супстанци, придонесуваат за развивање на рак на белите дробови
-Изложеност на зрачење – Штетните зраци се исто така голем ризик фактор за оваа болест

    Симптоми на рак на бели дробови :
-Болка во градите
-Отежнато дишење
-Губење на свест, слабост, малаксаност
-Силно и често кашлање
-Крвав искашлок

Како да се спречи ракот на белите дробови?
– избегнување и прекинување на користење на тутунски производи
-Избегнување на изложеност на пасивно пушење
-Избегнување на изложеност на штетни супстанци, гасови и зрачење
-Редовни докторски прегледи над 40 години, кај лица со позитивна фамилијарна анамнеза
-Здрава исхрана, вежбање и здрав начин на живот

 

Во 2020 година, вкупно 956 лица починале како последица од малигна неоплазма која ги зафаќа белите дробови. Од тие 956, дури 757 биле мажи, а 199  биле жени. Од сите 956, 9 биле на возраст од 35-44 години, 53 на возраст од 45-54 години, 248 на возраст од 55-64 години, 314 на возраст од 65-74 години и 133 на возраст над 75 години.

 извор ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ   iph.mk

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »