Петар Печков
Објавено: четврток, 10 мај 2012
Поранешните вработени од велешка Порцеланка ги запоседнаа просториите на Агенцијата за вработување, откако беше одбиено нивното барање за месечен надоместок за лица кои наполниле 25 години работен стаж. Тие очекуваа дека со Законот за стечајци ќе добиваат пари се до нивното пензионирање, но надежите им пропаднаа.
Фирмата во која работеле, Порцеланка во моментот кога важи Законот не била во државна сопственост, поради што тие не се стекнуваат со право на месечен надомест. Ова ги разочара 70-тина лица, кои половина година се бореа за ова нивно право, и во знак на револт ја заземаа канцеларијата на директорот. Тој пак како морален чин поднесе оставка, не се согласува со тоа што го потпишал.
Јас и сопругата заедно имаме преку 53 години стаж и двајцата повеќе од 25 години а сега сме на улица. На 61 година јас изнајмив земја за да го ранам семејството. Можам ли на овие години да се бавам со земјоделие. Од цигарите се откажав за да имам леб да купам. Цел живот работевме и сега ништо не ни следува, ова е трагедија – вели Јордан Шопов од Башино Село.
Тој утрово кога по пошта го добил решението, со велосипед се упатил кон зграда на Агенцијата за вработување, каде веќе беа собрани неговите колеги - порцеланци. Сега на број се 72 а биле 120, но во меѓувреме педесетина починале. Велат поради нервозите со кои се судруваат околу нивното право на надомест. Тие решението на Управниот суд од пред шест месеци го толкуваат како прво да добијат надомест. Со истото решение, Агенцијата пак ја донесува одлуката дека нив не им следува надоместок.
Со документите со кои располагаме, Порцеланка во времето кога Законот важи, била приватна сопственост а тој се однесува на фирмите кои биле во државна сопственост. Поради тоа не можеме да им одобриме месечен паричен надомест - велат од Агенцијата за вработување.
Поранешните вработени се лути, бидејќи документот со кој се одбива нивното барање е донесен на 29-ти март а тие го добиле вчера, 40 дена подоцна. Во меѓувреме нив им беше ветувано дека ќе се разгледаат поднесените документи, имаа повеќе средби со претставници на Агенцијата и ресорното министерство.
Како жртва на овие недоразбирања, оставка си поднесе раководителот на ПЕ на Агенцијата за вработување во Велес.
Јас како правник не се согласувам со оваа одлука чиј потписник сум. Некогашните вработени од велешка Порцеланка имаат прво на месечен надомест и затоа си поднесувам оставка, како морален чин – рече Ангел Ѓоргиев.
Tweet |