Петар Печков
Објавено: петок, 24 јули 2026
Осумнаесет години затвор доби Васил Режак (56 год) од дојранско Сретеново за убиство, соопштија од Основен суд Гевгелија. Тој е прогласен за виновен за кривичното дело „убиство на свиреп начин“ и останува во притвор до правосилноста на пресудата, која е првостепена, странките имаат право на жалба. Режак делото го сторил на 1 ноември лани попладнето.
„Обвинетиот во близина на угостителски објект во селото Сретеново, Општина Дојран, со умисла го лишил од живот Никола Тимев. Претходно бил негов пријател со кого заедно седеле на скалите и пиеле, но во еден момент меѓу нив настанала вербална расправија која преминала во физичка пресметка“ пишува во обвинението.
Потоа детално се објаснети ударите кои обвинетиот безмилосно му ги задавал на пријателот.
„Осомничениот најпрво го удирал оштетениот со раце и нозе, а потоа и со метална шипка, нанесувајќи му повеќе од десетина скршеници на раце, нозе и на черепот. Од ударите кои траеле речиси половина час, оштетениот не успеал да се одбрани и се здобил со тешки телесни повреди и обилно крварење, обвинетиот го оставил на скалите и побегнал“ пишува во обвинението.
Повредениот Тимев го забележале случајни минувачи кои повикале итна медицинска помош и тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, каде починал како резултат на здобиените повреди.
| Tweet |




