Петар Печков
Објавено: недела, 30 декември 2012
По текстот за фурната кај Читкушева, на семејството Атанасови, која тие ја работат околу 120 години, стигна и писмо во кое има повеќе информации за фурната, од пред таа да биде во сопственост на ова македонско семејство. Податоците ни ги испрати Љупчо Данов.
Фурна има многу подолга традиција и токму тоа сакам да го истакнам, да знаат и помладите генерации каква историја има фурната и самата куќа.
Куќата со фурна ја изградил околу 1795 година Јусуф фурнаџијата и долго време била главен и составен дел на овој дел на градот.Дури и многу не била изменета со времето.Како да останала дел од околината,дел од секојдневието.
Во фурната, освен леб, се правела прочуената симит- погача,се носеле зелници, баклави, пастрмалија, но и турли-тави, елбасан- тава и други специјалитети секојдневно, за празници,свечености,ручеци.
Фурната ги пребродила и најголемите кризи,немаштијата,големите суши,поплави,војни.И најголемите сиромаси добивале леб тука бидејки Јусуф фурнаџијата имал големо срце.Знаел и на христијани и на Турците да им даде* на вересија*,на *рабош*,па да заборави.
Пазарџиите од подалеку, неретко застанувале тука да се одморат, да наполнат вода, да се згреат.Потоа ја фаќале накосо улицата која излегува на Црна Џамија и го напуштале Велес по патот кој водел по денешната улица * Коле Цветков* па по брегот на Вардар ,под црквата Св Спас,и излегувал спроти Манастирот ,паралелно со текот на реката.
Јусуф,според кажувањата, умрел потпрен на ќепенците на својата фурна. Седнал, заспал и никогаш не се разбудил.Го испратиле и Турците и Христијаните,Ромите и Власите,сите од маалото.
Негов наследник бил Енвер,кој пак ја задржил традицијата но за него сведочења. Неговиот син Јилмаз ја продал куќата и фурната и со семејството се иселил во Турција.
Ова приказна ми ја раскажа Јусуф Бакранџи пра-,пра-внук на Јусуф Фурнаџијата,кој пред 6 години престојуваше во Велес .Случајно се сретнавме и запознавме .Тој беше дојден намерно со уште стотина Турци,иселеници од Врановци,кои дојдоа да ги посетат родните куќи на своите дедовци.
Човекот со солзи ми ја покажуваше оваа слика што ја гледате и му беше драго што фурната опстојала повеке од 200 години.Тој направи десетици фотографии.Беше лето,жештини,а фурната беше затворена.Не сакаше да почука на вратата на сопствениците на фурната,бидејки не сакаше да ги вознемири.
Пиевме боза од слаткарницата кај Соколаана,а Јусуф се чудеше што сред лето тука се точи боза! Тоа го нема,велеше,во Турција.Во лето има само чај.
Овој средовечен човек живее во околината на Измир и има приватна фирма за кондиторски производи.
Tweet |