речник контакт

За четири месеци годинава за каснување од куче исплатени 1,68 милиони денари а за цела ланска година 2,67 милиони

Градоначалникот Коцевски изразува сомнеж дека не сите пријавени биле каснати од куче скитник

Петар Печков

Големи суми на средства се одлеваат од Буџетот на Општина Велес  за обесштетување на граѓани кои биле каснати од кучиња. Дека состојбата е алармантна  покажуваат  средствата кои се исплатени од Општинскиот Буџет годинава.

За првите  четири месеци, биле  исплатени 1.7 милиони денари како обесштетување а споредено со мината година за 12 месеци биле исплатени 2.7 милиони, во 2019 година 2.3 милиони и во 2018 година 1.7 милиони  денари. Само во еден месец, годинава имало 21 пријави  за лица каснати од кучиња.  Градоначалникот Аце Коцевски изрази сомнеж дека не сите биле каснати.

„Простор за сомнеж во веродостојноста на ваквите постапки остава тоа што овие граѓани  ги застапуваат едни исти адвокати. При обезбедување на медицинската документација во случај на каснување од куче, се случува истовремено доктор од Општа болница Велес, кој го прегледал лицето каснато од куче, да се јавува и во својство на вешто лице, што исто така остава простор за сомнеж. Тоа значи дека еден ист лекар издава и лекарско уверение и прави наод од вештачење. Исплатени се огромни суми од општинскиот буџет по тужби на граѓани, кои наместо за инфраструктурни работи, ги даваме за обесштетување“, кажа Коцевски.   

Одржана била средба со претставници на Основен суд Велес, на СВР Велес и Пансион Гиовски, немало од Болницата.  Бил донесен бил и  заклучок.

„Кога граѓаните пријавуваат во МВР или во Болница дека се каснати од  куче скитник, треба да биде нагласено во службената документација дека тоа е само изјава и тврдење на странката, која не е поткрепена со докази. Бидејќи тврдењето на МВР, што досега го доставуваа  е клучен доказ во судската постапка,а тие - полицијата, не виделе дека лицето е каснато, туку тоа го засноваат врз изјава на лицето“ - рече Коцевски.  Граѓаните кои биле каснати од куче скитник, не излегуваат на терен да го посочат кучето кое ги каснало.

„Повеќето од каснатите граѓани не се испаднати на терен со нас за да ни посочат кое куче ги нападнало,  додека  пак  оние граѓани што излегуваат  на терен со нас не можат да препознаат кое куче ги каснало. Лани само во еден случај каснат граѓанин на општина Велес, го има посочено кучето што го нападнало“ - велат од Пансион Гиовски Тим кој со локалната власт  има склучено договор за    заловување, стручен третман и грижа на  кучињата скитници.

Велес има систем на третирање на кучиња, но нема  стационар и прифатилиште за згрижување, реагираат од  граѓанските здруженија, кои се бават со домашните љубимци - кучињата. 

„Локалната власт да изгради прифатилиште, стационар, како што има во Битола, каде ќе бидат чувани кучињата скитници. Тоа би било инвестиција на локалната власт.  Оваа пракса, залови, кастрирај, вакцинирај, пушти го, не дава резултати, тоа е евидентно.  Потребно е залови и смести“ - вели  Димче Никушев, претседателот на Здружението „Вила Зора канис“.

Здружението „Гласот на животните“  располагаат со стационар кој згрижува повеќе од  150 бездомни кучиња.  Овој стационар, во сопственост на невладина организација,  функционира на основа на донации  од поединци и фирми и таму волонтираат членовите на здружението.

„Овие случаи со каснувања се злоупотребуваат се почесто. Луѓето се научија да добиваат оштета и да го празнат буџетот на градот, без да се испита дали всушност биле каснати од бездомни кучиња. Проблемот не се кучињата, туку напуштањата од страна на неодговорните  сопствениците, кои ги оставиле на улица“ кажа Меги Ѓорѓиева Ѓаков, член на  „Гласот на животните“ .

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »