Петар Печков
Објавено: вторник, 06 март 2012
Велешката полиција фати разбојник кој го товари за вкупно 27 кривични дела, 19 тешки кражби, две кражби и шест сквернавења на гроб. Тој за период од четири месеци ги оштетил сопствениците на украдените предмети за 380 илјади денари.
Сефа Д. ( 32 год) подолг временски период со употреба на сила крадел во продавници, киосци, училишта, при што украл мобилни телефони, лап-топи,компјутери, соковници, пегли, работни машини, брусилици, бор машини, парати за заварување, прехранбени производи, цигари, пари, покуќнина. Дел од украдените предмети се најдени дома кај разбојникот. Сефа Д. на ден 13 ноември минатата година. Е фатен од полицијата на гробиштата лоцирани во близина на црквата Свети Спас во Велес како гори бакарни кабли, при што украл шест крста од гробиштата и ги користел за горење, со што сторил шест кривични дела „Сквернавење на гроб“.
СВР Велес за сите овие кражби поднесе пет кривични пријави против Сефа Д. (32) од Велес, поради основи за сомнение дека во изминатите четири месеца на подрачјето на Полициска станица Велес има извршено вкупно 27 кривични дела. Тој се наоѓа во притвор, откако пред неколку дена беше фатен бидејќи извршил разбојништво врз старица на улица, дрско крадејќи од џебот илјада денари а од увото обетка .
Велешката полиција поднесе кривична пријава за прикривање против лицето Р.С. (32) од Велес, кој е сопственик на продавница во Велес. Тој во два наврата за сума од девет илјади денари купил поголема количина разновидни цигари од Сефа.Д. , иако знаел или можел да знае дека се украдени.
Tweet |