Петар Печков
Објавено: понеделник, 23 септември 2013
ОУ „ЈХК – Џинот” ја реализираше еколошката активност „За чиста животна средина – секаде со велосипед” во склоп на одбележувањето на светскиот еколошки ден 22-ри септември – Ден без автомобили. По тој повод училиштето организираше возење со велосипеди низ дел од градот.
На акцијата учество зема и градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев кој ја предводеше колоната велосипедисти. Тој воедно изрази задоволство што е дел од една ваква позитивна акција во која се промовира возењето на велосипед а со тоа и зачувување на чистиот воздух и здравата животна средина.
Еве уште една можност да го промовираме велосипедот како економично, здравствено подобно и ефикасно превозно средство. Упатувам честитки до сите учесници на отворениот училиштен ден посветен на здравата и чиста животна средина, но и до менаџерскиот тим на училиштето кои го промовираат велосипедот како превозно средство – истакна градоначалникот Чадиев.
И оваа година, манифестацијата имаше ревијален карактер и во неа беа вклучени учениците од град Велес, родители, наставници и сите заинтересирани граѓани кои претходно беа повикани преку јавен повик. И додека се популаризира велосипедот како алтернативно превозно средство, кое освен економичноста нуди за велешки услови идеален превоз поради конфигурацијата на теренот, дотогаш во градот нема велосипедска патека.
Со години рекреативците барат да се изгради, но неа ја нема. Така од април до октомври на патиштата кон Езеро Младост и кон реката Бабуна илјадници велешани се рекреираат необезбедени од автомобилскиот сообраќај. Поради ова градоначалникот Чадиев најави дека тие ќе поведат постапка патот, јужниот пристап кон Велес, од манастирот Св. Димитрија до автопатот Скопје – Велес, да биде забранет за тешки превозни средства.
Tweet |