Петар Печков
Објавено: вторник, 23 јануари 2018
Деновиве бевме сведоци на применето „антиевангелие“. Ако Христовата порака е втемелена врз радоста и љубовта, тогаш она што се организираше по улиците на Солун и останатите грчки градови од страна на грчкото свештенство е сé само не Евангелието и неговите основни постулати.
Оние кои се повикани да го поттикнуваат преумувањето на човекот, се спуштија до дното на човечките страсти и место да го преобразуваат светот живеејќи го животот Христов, тие дозволија светот нив да ги преобрази и да ги потоне во неговите ништожности.
Грчкото свештенство пред очите на целата светска јавност изврши убиство врз својот ближен и со самото тоа си ги подзатвори Портите од Царството Божјо. За каква тоа духовност имаат намера во иднина да проповедаат овие луѓе, до Евзони ли се простира нивната љубов и трпение?
Срамно и страшно е да се гледа овој пад, оваа заблуденост и лицемерие. Атеистите се покажаа како подобри и потолерантни луѓе од верниците, зашто тие ги врзуваа конците на мирот што беа пресечени од лажните Христови следбеници. Вистинскиот духовен човек ја поттикнува благородноста на личноста и никогаш не ги поддржува погубната страст и гревовност.
Во јавноста секогаш пази на секој изречен збор и со сето срце ревносно ја брани правдата и вистината. Знае дека нему сé му е дозволено, но не сака ништо да завладее со него. Патриотизмот за неговите сфаќања е акт на чистата љубов кон својот брат и сонародник и во никој случај не го исклучува, омаловажува и отфрла другиот свет и различниот од себе. Национализмот пак е болест, зашто врз омразата се потпира. Патриотизмот никого не повредува, национализмот мрази и убива.
Најстрашно за еден човек е да ја изгуби врската со реалноста, тогаш тој потонува во уште поголеми нелогичности. Македонија и македонскиот народ постојат од памтивек и никому не припаѓале дури и тогаш кога биле подложени на страшно ропство. Наоружани со нашите основни алатки верата, надежта и љубовта, со нив ќе победуваме во секое време и на сите полиња. Злото и омразата им го оставаме на оние што решиле духовно да починат.
И покрај сите наши геноциди Македонија никогаш не била грчка, бадијала во нечестието се пенават Антимос и неговите истомисленици. Затоа, крајно време е да се вразумат овие духовни слепци, па најпрво да се покајат за сета соблазна која со децении ја предизвикуваат кон македонскиот народ, а потоа и да придонесат кон мирот, благосостојбата и меѓусебното разбирање. Христовиот следбеник е сејач на добродетелта, војник на правдата, кладенец на мирот и утехата.
Им порачувам, подалеку нека стојат од мојот македонски народ, кому не се достојни ни врвките од неговите обувки да му ги одврзат. На македонскиот народ, пак, му порачувам, не плашете се од овие јавачи на апокалипсата, кои бесрамно јаздат на своите коњи и овде и надвор од татковината. Иднината и благосостојбата на нашиот народ и на македонската држава е во нашите раце.
Тие можат со години да нé заробуваат, но не можат да нé завладеат. Затоа, преку одлучност и национална самосвест да го посрамиме злото и да оставиме за идните генерации достоен пример за радост и пофалба. Вечно нека живее и во доблеста нека расте и нека се развива нашата татковина Македонија.
Tweet |