Петар Печков
Објавено: сабота, 09 февруари 2013
Под Бранковиот мост на работ од центарот на Белград, се наоѓа несмасен збир бетонски згради околу кула со сеопфатен поглед. Кокошки се перчат меѓу куповите дрва прекриени со снег, чад излегува од покривите, децата се смеат и играат, несвесни за страшното минато на местото
Комплексот, познат како Старо сајмиште, стана најголемиот концентрационен логор во Југоисточна Европа откако нацистите, поддржани од хрватските усташи, ја окупираа Србија во 1941 година. Токму таму 7.000 Евреи -- повеќе од половина од еврејското население во Србија -- беа интернирани и истребени на почетокот од 1942 година.
И покрај неговото значење како дел од Холокаустот, во Сајмиште нема споменик или музеј. Од 1950-тите местото беше користено како државно сместување за некои од најсиромашните жители на Белград. Денес, околу 2.500 луѓе живеат во поранешниот концентрационен логор.
На овогодинешната меморијална служба за Холокаустот што се одржа на 27-ми јануари, претседателот на српскиот парламент, Небојша Стефановиќ, го обнови владиното ветување дека ќе изгради меморијален комплекс на местото. Претходните кампањи на еврејската заедница и водечкиот српски медиум Б92 местото да биде соодветно запаметено, не беа успешни.
Рубен Рукс, претседател на Федерацијата на еврејските заедници во Србија, рече дека е во контакт со Министерството за култура и локалните жители, но дека не се постигнати цврсти договори.
„Сфаќаме дека начинот на кој досега се развиваше местото е последица на историјата и потребата“, рече Фукс за SETimes. „Сакаме соодветен споменик, но сегашната ситуација е одраз на лошата економска состојба на земјата. Живите луѓе имаат приоритет наспрема спомениците. Тука не се работи за злонамерност.“
Недостатокот на меморијализација на Сајмиште е поткрепен со неговиот комплекс и повеќеаспектно минато. Изграден во 1930-тите како пазар на новата метропола, земјиштето се наоѓа на високо профитабилна локација.
„Од 1945 година повеќето планови за развој имаа за цел негово вклучување во урбаната матрица на главниот град, при што во голема мера се игнорираше неговата трагична историја“, рече за SETimesЈован Бајфорд, историчар кој спроведува истражувања за Сајмиште. „Сајмиште беше, и сé уште е, премногу високо вреднуван за да биде ,само’ меморијален музеј или историско место.“
Местото беше користено како работнички камп за повеќе од 30.000 српски политички затвореници меѓу мај 1942 и јули 1944 година. Повеќе од 10.000 луѓе беа убиени или починаа oд студ, прегладнување или болести. Како во времето на Тито, така и во времето на Милошевиќ, токму овие српски жртви имаа најголема важност во политизираните говори за Сајмиште.
„Оваа слика за Сајмиште опстојува и денес, и се проткајува во актуелните дебати за иднината на Сајмиште како меморијален простор“, рече Бајфорд. „Ваквите говори не му даваат соодветна важност на Сајмиште, особено како место на Холокаустот.“
Фукс рече дека геноцидот на Србите и еврејскиот Холокауст не треба да се сметаат за конкурентни нарации.
„Паралелно со посебната меморијализација на еврејскиот Холокауст треба, исто така, да има комеморација на ромските и српските жртви“, рече Фукс. „Србите беа, исто така, систематски подложени на погром од страна на окупаторските германски и хрватски сили, зошто и тие да немаат меморијален споменик?“
текстот е преземен од Southeast European Times
Tweet |