речник контакт

Забранети операциите на очно во Велешката Болница

Констатирани тешки финансиски пропусти во јавните набавки на скапи лекови по стари високи цени

Петар Печков

Министерот за здравство Никола Тодоров  изрази загриженост за  состојбата на Офталмолошкото одделение при Велешката болница.   Бидејќи во ова одделение се вршеле операции на очите, кои светот веќе ги заборавил а во медицинската пракса  се напуштени, министерството забрани вршење зафати  на катаракта на одделението за офталмологија при Велешка Болница. Ова го најави министерот Тодоров, кој заедно со повеќе стручњаци од скопските клиники и  менаџери од министерството пет дена ја скенира работата на ЈЗУ Општа Болница Велес.

Операциите  кои се прават на очното одделение при велешката Болница, не се на ниво на времето. Се работат интервенции кои се напуштени пред 40 години, тука се уште се врши отстранување на катаракта без вградување на леќи. Тоа го забранивме, го стопиравме за да не се случи да имаме несакани последици по здравјето на граѓаните. Со раководниот тим на болницата се договорив да почне да се врши едукација на лекарите офталмолози најпрво во Клиниката за офтамологија во Скопје, а потоа ќе ги обучуваме и во центри надвор од Македонија, изјави Тодоров, кој пет дена беше во посета на  велешката градска болница заедно со својот тим на врвни лекари од скопските клиники, во рамки на Кајзен проектот.

Целта е, нагласи тој, офталмологијата во велешката болница да се подигне на повисоко ниво бидејќи тука гравитираат огромен број пациенти, а досега добивале минимални услуги и за најмали интервенции биле испраќани во скопските клиники.

Констатиравме скандалозни пропусти во јавните набавки. Во велешката Болница и после први февруари годинава продолжила да набавува скапи  лекови, по цени постари од први февруари кога стапи на сила првото поевтинување. Имаме намален број на пациенти, кои се лекуваат со лекови кои во два наврти се намалени а имаме зголемување на вредност за нивна набавка од седум милиони. Тоа е значи пробивање на Буџетот на Болницата  и таа е сериозно финансиски оштетена. Набавка на такви скапи лекови е констатирана кај осум, кои се меѓу дваесетте најскапи – изјави министерот Тодоров.

Како прва работа за санација на ваквата состојба е сторнирање на исплатите на лековите кон веледрогериите по овие цени но и враќање на парите назад од исплатените фактури кои се со стари скапи цени, од пред први февруари.

 

За овие пет дена  министерот смета дека поправиле доста недостатоци, промениле некои пропусти и ги обучиле докторите и сестрите. Поправен е лифтот, кој често беше расипан, па болните од високите катови мораа пеш да одат  до интерно иако имаат сериозни  здравствени проблеми. Се најавува дека ќе се реши проблемот и со телефонската централа, која почесто е зафатена отколку што има слободна линија, поради малата пропусна моќ. Се постави шалтер за рендген одделението кое е на два ката и пациентите често грешеа каде да одат. На влезот е поставен информативна шалтер, за која услуга каде се добива во Болницата.

 

Но останува што побргу да се стави во функција компјутерскиот томограф кој неодамна се расипа, како и користењето на  ЕЕГ при Нервното одделение, за кој ниту еден доктор нема сертификат да го користи, оти Болницата нема пари да го плати.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »