lj lkjl
Објавено: понеделник, 10 јули 2006
Кога Роберт Палмер пред 20 години ја отпеа „Зависен од љубовта“, освојувајќи ги сите можни топ-листи, никој и не помисли дека овој хит на соул-пејачот со сини очи можеби метафорично, но сепак ја најавува појавата на модерните зависности. Многумина не се согласуваат дека зависноста од љубовта е модерна дрога, нарекувајќи ја напротив вечна човекова потреба, но факт е дека прегледите на зависностите на модерното време, кои стануваат се поактуелни, неретко ја вбројуваат во првите десет. Зависноста од љубовта или понекогаш уште поконкретно - сексуалната зависност за посматрачите на модерното време е логична последица на отуѓеноста - главната карактеристика на човекот на 21 век. Без оглед на непостигнатата согласност за насловувањето на неопходноста од љубов како вечна или модерна зависност, социолозите се согласиле дека без многу дадености на модерното време, како што се мобителите, компјутерите, Интернет, шопингот, фитнесот и телевизијата, многумина современици не можат. На овие модерни дроги на денешницата луѓето трошат часови и денови, а неретко на сметка на тоа го заслабнуваат и семејниот буџет и релациите со семејството и пријателите. Новите американски истражувања покажуваат дека подрачјата во мозокот што се активираат кај зависниците од дрога можат исто така да се активираат и кога некој е зависен од, на пример, омилената храна. Од гледањето телевизија или сурфувањето на глобалната мрежа. Во САД во последно време доста се зборува и за опасностите што можат да ги предизвикаат хазардните игри. Последните истражувања во Јужна Кореја покажуваат дека дури 60 отсто млади не може да го замислат својот живот без Интернет. Дури 80 отсто жени во Европа не можат да го преживеат денот без шопинг. Стравотен процент од своето време децата на Балканот минуваат пред ТВ-екраните. Во текот на изминатата година Македонците потрошија 7,7 милиони часа зборувајќи на мобилен телефон... За почеток, велат експертите, најважно е зависностите да се препознаат и да се направи стратегија како да се држат под контрола. Убавина Се разбира, сите мечтаат за идеален изглед. Но, зависниците од убавина можат и да застранат во подрачјето на пластичните операции, лифтинзи, подигнувањето на градите и на задниците, липосукциите и други слични зафати, по кои ќе бидат се помалку тие самите, а се повеќе некоја вештачка творба. * Решение: најдобро е да се прифатите какви што сте и да не очекувате лесно да станете некој друг. Ситната бринета со крупна градба никогаш не ќе биде вита долгонога русокоса. И со козметичките третмани и со фризерите - без претерување. Шопинг Многу жени уживаат во шопинг. Кога с е тажни, кога се среќни, кога се разочарани, кога се депресивни, кога се осамени и загрижени... Но, кога плакарите ќе им се исполнат со пет идентични црвени кошули или со четири дезодоранси со ист мирис, треба да им се вклучи црвеното светло и да се алармира дека нешто не е во ред. Современата психологија вели дека на повеќето жени шопингот им е единствена релаксација и начин за полнење на батериите. За науката тие се компулзивни трошачи на пари. Според најновите истражувања, и мажите не заостануваат во оваа зависност. Мажите сакаат да купуваат затоа што на тој начин ја чувствуваат својата сила и манифестираат контрола. За разлика од жените, кои купуваат козметика, чевли и парчиња облека, мажите купуваат покапитални предмети. * Решение: пред да тргнете во шопинг најдобро е да понесете одреден износ пари, картичките да ги оставите дома и да направите попис на тоа што ви треба. Најдобро е со себе да земете разумна пријателка, која ќе биде вашата рачна кочница при купувањето. И, се разбира, поканете пријателка, што не е зависничка од шопинг (ако има такви). Алтернативно лекување Постојат безброј алтернативни методи со кои човек може да си го подобри здравјето. Според застапеноста на нивните реклами во медиумите, се чини како секој ден да никнуваат нови методи. Тој што ќе западне во вителот од нови и нови алтернативни постапки, може да се загуби во нив и да потроши едно чудо пари. * Решение: пред да пробате нешто ново, најдобро е да се соберат сите информации за постапката и да се праша лекарот дали тоа навистина ќе ви биде од корист. Или, уште подобро, да се праша некој што го испробал дадениот метод и постигнал некакви резултати. Игри на среќа Многумина сонуваат да освојат големи пари на лотарија или на некоја друга игра на среќа. Секој ден купуваат среќки, од весниците сечат наградни купони... Секоја шанса за лесно освојување пари им е предизвик. * Решение: најдобро е на лист хартија да пресметате колку пари се трошат на таква занимација. Кога тие пари би се ставале во банка сигурно би се собрал фин износ. Тој што ќе го избере божицата Фортуна не мора баш секој ден да вложува мало богатство за еден ден да стане и добитник. Мобилен телефон Колкупати во кафуле сте виделе ваква сцена - две пријателки насмеано разговараат пиејќи кафе, а третата постојано испраќа СМС-пораки со телефонот. Оваа жена, следниот ден кога ќе се најде со пријателката со која ги менуваше многу важните СМС-пораки, бездруго, ќе им испраќа нови пораки на двете пријателки со кои претходниот ден отсутно пиела кафе. Луѓето што не можат без вклучен мобилен телефон да одгледаат ни театарска претстава или филмска проекција не се реткост. * Решение: мобилниот телефон треба да служи за кратки пораки или за брзи договори. Кој не се држи до ова правило, дозволува животот да поминува покрај него. Ќе му се чини, велат психолозите, дека постојано е на погрешно место со погрешна личност. Интернет Непобитно е дека Интернет е корисен извор на информации. Но, многумина често ја губат мерата, па на Интернет минуваат по цели денови. Четуваат, пишуваат пораки, читаат хороскопи, решаваат квизови, висат на форумите, блогуваат... Потоа ги боли главата и им се закрвуваат очите зашто предолго гледале во мониторот. Интернет-зависноста на „новата генерација“ се шири брзо низ светот. Веќе е наречена „вебхолизам“ и ги напаѓа луѓето од различни генерации. Најподложни, сепак, се младите. Експертите се затечени - пред десет години никој и не помислуваше дека употребата на компјутерите може да стане компулсивно однесување што ќе го загрози психичкиот и социјалниот живот на луѓето. * Решение: треба да се мери времето што се минува на мрежата. Тие што предолго сурфуваат треба да се прашаат колку пати им рекле на пријателите дека не можат со нив да се видат бидејќи се презафатени или да размислат за тоа што се би можеле да сторат за времето потрошено на сурфување. Освен тоа, понекогаш не е лошо да се активираат мозочните бразди и да не се бара одговорот на секое прашање на Интернет. Телевизија Едно е секоја вечер да се изгледа по еден добар филм, а друго е постојано да се менуваат каналите и хипнотизирано да се зјапа во ТВ екранот. Многумина и не можат да замислат поинаку помината вечер отколку во фотелја пред телевизор со далечинскиот управувач в рака. Истражувањата покажуваат дека мажите, за разлика од жените, имаат помалку трпение при гледањето ТВ-програма и дека на секоја минута го менуваат каналот. * Решение: треба да се мери времето потрошено на гледање еден ТВ-канал. Настојувајте да гледате концентрирано некоја програма. Ако не успеете во тоа, подобро да не гледате ништо и времето потрошено пред ТВ-екранот да го искористите за нешто друго. Фитнес Се разбира дека е здраво да се вежба телото и да се води здрав живот. Но, има личности што се претвораат во фанатици на култот на телото и опсесивно посетуваат фитнес-сали секој ден како да ги чека некој спортски натпревар. Современите норми на убавина, кои предвидуваат затегнати мускули, преземаат дел од одговорноста за ваквото опсесивно однесување. * Решение: треба да се одбере физичка активност според сопствена мера и според можностите на организмот.
Tweet |