Петар Печков
Објавено: четврток, 11 март 2021
Заврши изградбата на трибините на Градскиот стадион Зоран Паунов во Велес, по што тој може да прими околу четири илјади гледачи. Трибините беа уредени со средства обезбедени од Агенцијата за млади и спорт во висина од 12 милиони денари. Уредни се Источна и Јужната трибина, додека Западната е претходно уредена со поставени пластични столици за 1,3 илјади гледачи.
„Извршена е реконструкција на стадионот, трибините, реконструирани се соблекувалните, фасадата, поставен е нов кров на објектот. Се со цел фудбалерите и навивачите да имаат подобри услови за настап и за следење“ - кажа Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за спорт и млади.
На прашањето од ТрМр зошто се изградени стоечки трибини за навивачите, кои УЕФА повеќе не ги прифаќа, поради што не може да се играат и меѓународни фудбалски натпревари, како и кога ќе се отстрани заштитната ограда меѓу публиката и игралиштето, кое исто така не постои на Европските стадиони, Мојсовски рече дека во наредната фаза и тоа ќе се реши.
„Во втората фаза ќе бидат поставени пластични столчиња на овие трибини. Заштитната ограда ќе се отстрани, но сепак ќе има некоја заштита, оти сме сепак на Балканот“ - рече Мојсовски. На Градскиот стадион своите натпревари во Прва лига ги играат екипите на машката и женската екипа на ФК Борец.
Градоначалникот Аце Коцевски соопшти дека во завршна фаза се решенијата за да наскоро започне изградбата на затворен пливачки базен, кој се најавува уште од пролетта 2018-тата.
„Треба да биде лоциран напростор од отворениот пливачки базен. Чекаме да заврши постапката за новиот детален урбанистички план на Општина Велес“ - кажа Коцевски.
Tweet |